Раководството на Македонската-радио телевизија (МРТ) тврди дека лани успеале да го намалат долгот на јавниот радиодифузен сервис за над 2,8 милиони евра. Обврските на МРТ на крајот од 2019 година биле заокружени на околу 11,8 милиони евра, се вели во Извештајот за финансиското работење на ЈРП МРТ“ за четвртиот квартал од минатата година.

Од јавниот радиодифузен сервис во извештајот повторуваат дека Управата за јавни приходи (УЈП) има обврски кон МРТ од приближно 33 милиони евра, која што во изминативе 3 години не презела никакви мерки и активности за ненаплатената радиодифузна такса од граѓаните.

„Поради овие причини и степенот на несигурност за наплата на овие побарувања како и поради непочитувањето на законските одредби од страна на УЈП, а согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ/МСС), МРТ прави целосна исправка на побарувањата во износ од 703.071.769 денари кои ги има по основ на ненаплатена радиодифузна такса“, се вели во објавениот извештај.

Покрај напластените долгови, голем проблем за работењето на МРТ е и континуираното намалување на бројот на вработени. Заклучно со 31 декември 2019 година, во јавниот радиодифузен сервис биле работно ангажирани 768 лица, што е за 16 помалку во споредба со крајот на септември истата година. Најголем дел од овие вработени заминале во пензија, а она што дополнително загрижува е најавата на раководството дека МРТ нема да може да вработува и во 2020 година.

Раководството на МРТ неодамна изјави дека бројот на вработени за осум години се намалил за 187 лица, потенцирајќи дека некои сектори во јавниот радиодифузен сервис се пред целосно изумирање. Особено загрижува податокот што во континуитет се намалува бројот на новинари, кои треба да ја создаваат информативната програма. Како што се наведува во публикацијата на ЗНМ „Статус и потреба на дописниците во Република Северна Македонија“ од август 2019 година, бројот на дописници од земјава и од странство постојано се намалувал во изминативе пет години, при што бројката од десет дописници денес е намалена на четворица.

Министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски во интервју за „Мета.мк“ изјави дека во јавниот радиодифузен сервис не се спроведени реформи, а истите треба да произлезат токму од нив. МРТ треба да го презентира на јавноста нивниот план за реформи, посочи тој.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.