Фото: Арбнора Мемети

Македонската радио-телевизија (МРТ) во третиот квартал од 2020 година официјално работела со добивка, но бројот на вработени во јавниот радиодифузен сервис продолжил и понатаму да опаѓа. Во периодот од јули до септември 2020 година, МРТ остварила приходи од над 227 милиони денари (речиси 3,7 милиони евра) и вкупни расходи од над 209 милиони денари (речиси 3,4 милиони евра). Јавниот сервис од своето работење во овие три месеци остварил добивка од речиси 300.000 евра во овој квартал, се наведува во Извештајот за финансиското работење на ЈРП МРТ во периодот 01.07-30.09.2020 година. 

Во Извештајот се наведува дека вкупните финансиски обврски на МРТ заклучно со 30 септември годинава изнесуваат над 633 милиони денари (околу 10,2 милиони евра) и истите се намалени за над 98 милиони денари (околу 1,5 милиони евра) во споредба со крајот на 2019 година.

Наспроти позитивниот финансиски биланс во работењето, Извештајот покажува понатамошно намалување на бројот на вработените. На 30 септември 2020 година, во МРТ биле вработени 738 лица, односно имало за 14 вработени помалку во споредба со крајот на јуни годинава. Бројот на вработени во јавниот сервис во континуитет опаѓа во изминатиов период, а притоа и во третиот квартал од 2020 година нема нововработени лица.

Инаку, од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за „Мета.мк“ минатата недела информираа дека Планот за вработување и распределба на вработените изготвен од раководството на МРТ не бил доставен во законскиот рок, поради што тој не бил одобрен од страна на МИОА. Всушност, одобрувањето на овој План треба да овозможи вработување на нови лица како стручен кадар во МРТ, но и унапредување на кариерите на сегашните вработени во јавниот сервис на повисоки позиции, во согласност со квалитетот на нивната работа.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.