fbpx

МРД на расчекор меѓу амбисот и сериозен играч во емитување дигитални канали

-

Македонската радиодифузија (МРД), во изминатите години фукционирала со помалку од предвидените средства, поради ненаплатена радиодифузна такса, што довело до криза кога се во прашање поголемите инвестиции. Од друга, страна познавачите на оваа област се убедени дека МРД, за која сега ќе се одвојуваат средства директно од Буџетот, има доволни капацитети да емитува повеќе од трите канали на Македонската радио-телевизија. Така ќе се придонесе за намалување на цените за пренос на дигиталниот сигнал на националните телевизии кој сега ги емитува приватен оператор

Милена Атанасоска-Манасиева – ПИНА

Македонската радиодифузија (МРД), институцијата одговорна за пренос на сигналот на програмите на „Македонската радио- телевизија“ во некои од изминатите четири години, функционирала со безмалку половина од средствата кои требало да ги добива од радиодифузната такса. И сегашниот и поранешниот директор на оваа институција за ПИНА ги потврдија овие информациии и ни изјавија дека не можеле да планираат никакви инвестиции, бидејќи не ни знале колку средства ќе се префрлат на сметката на МРД. Од друга страна, пак велат дека ако државата има стратегија за нивен развој, би можеле, покрај пренос на каналите на МРТ, да понудат популарни цени за пренос и на националните телевизии. Предлагаат телевизиите тие средства да ги вложат во поквалитетна програма.

Ненаплатени 6 милиони евра од радиодифузна такса

Според податоците кои ги добивме, во 2013 година од планираните 4,5 милиони евра по основ на наплата на радиодифузна такса, добиле само 2 милиони евра. Лани пак, очекувале 3,3 милиони евра, а добиле 2,6. Тие моментално имаат ненаплатени средства од радиодифузна такса во износ од околу 6 милиони евра. Но МРД е и на листата на должници на УЈП со долг од речиси половина милион евра.

Како оваа државна институција функционирала во изминатите години, со кои проблеми се соочувале и каков е резултатот од нивното „преживување“?

– Кога не можеш да ги планираш средствата, односно не знаеш со колку пари ќе функционираш во тековната година не можеш да планираш напредок за компанијата. Резултат на ова е релативно стар возен парк, постари антенски столбови, едноставно немаше за капитални инвестиции, туку само за тековно одржување – вели директорот Абдула Бајрами.

Иако добиле наменски средства од Влада за спроведување на дигитализацијата, а добивале и од изнајмување, сепак немало за доопремување.

Бајрами потенцира дека со новиот начин на финансирање, односно процент од државниот Буџет, барем ќе знаат колку пари им следуваат. Со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги МРТ, МРД и ААВМУ ќе делат 0,7 отсто од вкупниот државен Буџет, односно на МРД и припаѓаат 19.5 проценти.

– Она што ни треба во иднина е да се насочиме кон вложување во инфраструктурата, санација и реконструкција на антенските столбови, патиштата, вложување во возила. Нашите објекти се на највисоките точки во државата, потребни се возила, опрема. Имаме столбови стари и по 40 години. За капитални проекти ќе треба дополнителни наменски средства – вели Бајрами.

Операторите сигналот го земаат директно од МРТ

Сигналот на програмите на „Македонската радио –телевизија“ оди преку МРД и приватните оператори би требало оттаму да го земаат. Но, речиси сите го земаат директно од МРТ, со што практично се намалува улогата на оваа институција.

–  За жал МРД изумира, токму поради тоа што приватните оператори не го земаат сигналот за програмите на МРТ оттаму – вели професорот Марио Макрадули од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Објаснува дека МРД работи само со она што се зрачи во слободен простор, односно фаќање сигнал само со антена.

–  Таа сега постои само за максимално покривање на целата територија со сигнал. На провајдерите не им се исплати да вложат опрема за некое планиско село во кое ќе имаат само два корисника. За таквите региони, далечни, рурални, излолирани, се очекува со антена сигнал да добијат од МРД. Во урбаните средини речиси и да нема такви корисници. Но реално бројот на корисници е веројатно обратнопропорционален од територијата. Има огромна територија и малку реални корисници– вели Макрадули.

Тој објаснува дека во Германија е донесен закон со кој се вели дека дистрибуција на телевизиски сигнали преку антенски системи нема да се градат и да се инвестира како за нови објекти.

– Ниедно мало дете кое ќе биде корисник во следните 10 години не е научено да чека половина час, да му дојде саканата емисија. Тоа сака веднаш да гледа.  Затоа концептот на антенски систем исчезнува – вели тој.

Потврда дека приватните оператори сигналот го земаат директно од МРТ добивме и оттаму.

Цане Петрушевски, раководител на секторот за ТВ-техника во телевизијата, вели дека сигналот од кај нив, оди во МРД, а оттаму треба да биде преземен од операторите.

– Но, сигналот повеќето од операторите го земаат директно од МРТ, а не преку МРД. Побараа сигнал од нас директно да добиваат, и бидејќи немаше законска пречка, го добија.  Бидејќи МРД практично не ја услужува цела територија на некој начин е во опасност, но без неа пак нема да има телевизија во секое село во земјава каде приватните оператори не нудат услуги – објаснува Петрушевски.

Тој сепак потенцира дека улогата на МРД може да замре ако не се трансформираат или ако не им се овозможи да излезат на пазарот и да ги земат и другите мултиплекси со што може да ги зрачат и другите национални телевизии.

Не е логично да не снема, ние даваме услуги на цела териоторија

Директорот на МРД, Бајрами објаснува дека сигналот преку нив се фаќа со обична антена и е дигитален, а на приватните оди преку кабел.

-Тие не даваат услуги на цела територија, а ние да. Јас тврдам дека квалитетот на нашиот сигнал е најдобар. Во еден канал од осум мегахерци пуштаме три канали, три ХД три стандардни. Еден приватен оператор на пример, во истиот простор пакува повеќе канали и тоа се одразува на квалитетот – вели Бајрами.

Тој е сигурен во тоа дека оваа компанија не може да ја снема бидејќи без нив нема да бидат услужени сите граѓани, а преку нив се обезбедува и аналоген сигнал за радијата.

– Не е логично нас да не снема. Операторите се комерцијални, кога сакаат може да исклучат некоја телевизија. Тие сигурно нема да вложат ресурси за тројца жители во некое село во планина. Тоа е нашата задача, сите да добијат МРТ. Друга работа е што телевизијата може да ја стават на канал со слаб проток, па да има неквалитетна слика –вели Бајрами.

Дали приватните оператори смеат да го земаат сигналот директно од МРТ или мора да одат преку МРД, прашавме во Агенцијата за електронски комуникации. Оттаму ни одговорија дека во Законот за електронски комуникации не е дефинирано како операторите треба да го земаат сигналот од Јавниот сервис.

Во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во член 108 само е предвидено што да се прави доколку поради технички проблеми МРД не е во можност да ги пренесе програмските сервиси на МРТ. Во тој случај истите може да ги пренесува друг оператор на јавна комуникациска мрежа врз основа на претходно склучен договор со МРТ по спроведена постапка на јавна набавка во согласност со закон.

Националните телевизии плаќаат премногу, пазарот е монополизиран

Познавачите на оваа област се убедени дека МРД, за која сега ќе се одвојуваат средства директно од Буџетот, има доволни капацитети да емитува повеќе од три канали. Така ќе се придонесе за намалување на цените за пренос на дигиталниот сигнал од приватниот оператор и многу поповолни услови за националните телевизии. Универзитетскиот професор Сефер Тахири, кој е добар познавач на радиодифузната дејност објаснува дека од јуни 2013 година имаме монопол поддржан од поранешната влада во процесот на дигитализацијата односно компанијата „ Оне – Телекомуникациски услуги ДОО Скопје“.

– Тие го добија тендерот за дигитално емитување на терестеријалните телевизии во Македонија. Бидејќи се работи за монопол на оваа компанија, цените кои ги плаќаат националните и регионалните телевизии се превисоки. Фактот што „Оне-Вип“ има монопол значи во секој момент може да ја зголеми цената за пренесување на комерцијалните телевизии. Секако дека оваа сфера треба да се демонополизира – смета Тахири.

Според, него токму Македонската радиодифузија која е државно претпријатие може да биде еден од понудувачите на услугите за дигитално емитување, бидејќи сега нејзините капацитети се искористуваат само за да ги емитуваат каналите на јавниот сервис.

– Овозможување на пренос на телевизиите преку МРД со оптимални цени ќе значи и намалување на цените за пренос на дигиталниот сигнал, а од друга страна МРД ќе обезбеди целосна покриеност со сигнал на територијата на државата. Има многу рурални средини што немаат покриеност со сигналот и каналите кои се бесплатни во етерот не може да се следат и граѓаните принудно се решаваат на приклучување на кабелските оператори – смета Тахири.

Оваа одлука, според него Владата треба да ја разгледа како опција, бидејќи медиумите средствата кои не би се наплаќале би ги користеле за развој на технологијата и за подобрување на квалитетет на програмата.

– Технологијата на МРД секако дека е застарена бидејќи во овие години не е вложено за нејзин развој. Сепак ако му се дадат повеќе можности за да нуди услуги, може да се развие како јавно претпријатие. Секако во буџетот дека треба да се предвидат повеќе средства за нејзина финансиска одржливост, се со цел ако му се дава моќ за пренесување на дигиталниот сигнал, да биде во тренд со современите текови и на граѓаните да им обезбеди квалитетен сигнал – смета Тахири.

И поранешниот директор на МРД, сегашен пратеник во Собранието, Костадин Ацевски вели дека оваа институција има можност и ресурси да ги пренесува и другите национални телевизии.

– Капацитетите може да се прошират и за повеќе специјализирани канали на МРТ. Но, за нас би било добро да ги пренесуваме сите национали телевизии, само мало проширување би требало, но ако државата има национална стратегија. Тоа може да биде на некој начин инвестиција на државата за развој на медиумите. За нив може да се обезбеди на пример и популарна цена – вели Ацевски.

Го спровеле „Компјутер за секое дете“, а не добиле денар

Македонската радиодифузија не функционирала само со ненаплатени средства од радиодифузна такса, тие имале проблеми и со наплата, а работеле и за ништо.

– Малкумина знаат дека преку нас помина проектот „Компјутер за секое дете“ за основните училишта. Средствата се префрлија кај нас, ние бевме изведувачи, бевме техничка поддршка. Нашиот кадар работеше, а денар не земавме за тоа, барем да останеше нешто за едно возило, или барем амортизацијата да ја платевме – ни вели поранешниот директор Ацевски.

Имале проблем и со наплата за услугите кои ги нуделе на комерцијалните радија за сигналот.

– „Радио Слободна Македонија“ не плаќаше од своето основање, па имавме една вонсудска спогодба после која платија. Но, повторно не плаќаа, па пак одевме со спогодба, па дури пред извесен период го платија долгот целосно. Другите радија редовно плаќаат и мора да напоменам дека цените се симболични – вели директорот Бајрами.

За лошата слика на МРТ виновни се провајдерите

Сте забележале ли дека сликата на каналите на „Македонската радио-телевизија“ или било кој друг канал не е иста кај вас и соседите? Дали тревата на фудбалскиот натпревар на вашиот омилен тим изгледа како тепих, или како размачкана зелена површина? Ова е така бидејќи операторот што ве опслужува, во мал простор става премногу канали, па им се намалува квалитетот.

Професорот Макрадули вели дека дигитализацијата овозможува во ист фреквентен простор да се вметнат повеќе телевизиски сигнали. Обично се осум, ако се работи за стандардно ниво на квалитет. Ако се работи за високо ниво на квалитет- ХД, тогаш бројот на програмски сервиси ќе зависи од квалитетот што сака да го даде провајдерот.

– Може да се спакува само еден, два. Но, ако се спакуваат повеќе, квалитетот опаѓа. Провајдерите нудат пакети со различен број на канали, но за да сместат повеќе канали сликата ја прават погруба. За сметка на тоа во ист простор сместуваат 100 канали. На голем дел од корисниците повеќе им е важно колкав број на канали ќе добијат, а не каква слика гледаат – вели Макадули.

Затоа, тој смета дека треба да постои поголема заштита на корисниците, да се прават мерења на квалитетот на дистрибуцијата на сликата до крајниот корисник бидејќи според него, очигледно е дека некои провајдери немаат техничка опрема која влијае на квалитетот на сликата.

– МРТ може да излезе со прекрасна слика, но ако е спакувана во обичен весник и дополнително ја згужвате, кога ќе ја донесете кај крајниот корисник нема да биде квалитетна. Дали вие сакате 100 канали или сакате 30, ама со врвен квалитет? Тоа е муабетот – вели Макрадули.

Петрушевски, пак кој работи токму во техничкот дел на МРТ вели дека тие произведуваат совршена слика.

– Треба да ги обвините операторите, ако МРТ има неквалитетна слика. Ние даваме совршена слика и ако сигналот директно го земаат од МРД таа ќе биде подобра. Мал број од операторите всушност во пакетите нудат слика на МРТ со висока резолуција – вели Петрушевски.

– Ретко кој знае која е Македонска радиодифузија, па кога ќе кажам каде работам, повеќето ми коментираат: „А да, вие сте одговорни за радиодифузната такса“ – ни вели една вработена, додека излегуваме од МРД, што покажува дека оваа институција е буквално невидлива за граѓаните.

Но, оваа навидум невидлива институција, ако добро се реформира и се вложи во неа, може многу да им помогне на електронските медиуми, посебно локалните телевизии да ги намалат трошоците со што ќе се создадат услови за вложување во подобра програма и истражувачко новинарство.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во...