Наспроти огромниот ентузијазам и напорите што властите и во Бугарија и во Македонија ги демонстрираа околу посетата на поглаварот на Католичката црква, папата Франциск, неговите „колеги“ во обете земји го примаат безмалку како најобичен верник.

Така, иако тој беше примен од Светиот синод на Бугарската православна црква, при што патријархот и митрополитите го пречекаа како секуларен водач, одбивајќи со него да да сослужуваат.

Некои од бугарските владици гласно протестираа што тој ќе држи миса пред Соборниот храм „Свети Александар Невски“ во центарот на Софија, но сепак не отидоа подалеку и не му попречија да влезе во огромниот храм да се помоли.

Великодостојниците од БПЦ тоа го одбележаа со молк и куртоазни насмевки. Иако претходно, на приемот во Синодот, папата се наведна и ја бакна панагијата на градите на бугарскиот патријарх.

Сериозна критика за студенилото на владиците стигна од аналитичарите, Некои од нив во потегот на БПЦ гледаат и „руски прсти“.

„Човекот е добронамерен, смирен, воспитан и со добро однесување. Се однесува човечно, нормално, не заборава дека е гостин.Коментарите на бившите агенти на Државна сигурност и на руските петоколонаши за папата Франциск лесно се објаснуваат – тој е сето она што тие никогаш не биле, а тешко и дека некогаш ќе бидат. Колку и да се трудат нашите духовници, тие не можат да ги избришат сомнежите за тоа што е поприсутно кај нив: верата или службата како агенти на Државна сигурност“, коментира Вени Марковски, бугарскиот интернет пионер и општественик.

Во Македонија, пак, покрај релативниот молк, пред посетата на водачот на католиците, се огласи владиката Агатангел, кој во подолго писание објасни зошто Католичката црква и нејзиниот поглавар не може да бидат прифатени од Православието како еднакви, потсетувајќи на догматските разлики и на големата шизма од 1054 година.

Двострана средба не е предвидена со некој од првите луѓе македонската црква. Ќе се одржи само средба на папата Франциск со верски лидери во Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Ситуацијата и во двете земји е таква каква што ја предвидоа голем број аналитичари и од Источниот и од Западниот свет – од секуларните власти топла прегратка, од црквите – студен туш.

Сепак, претставниците и на БПЦ и на МПЦ-ОА во Ватикан, при одбележувањата на празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, секогаш биле топло примени од папата на аудиенција. Дури и во различно време, како што беше до пред некоја година, во периодот на не толку добри односи меѓу двете земји и цркви.