Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност, одговори Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека српската црква е иста и во Скопје.
„Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, таа останува Црква отворена за сите, обединувајќи ги своите верни во единството на верата и во евхаристиското заедништво, надминувајќи ги сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби,“ стои во реакцијата на црквата. Од таму нагласуваат дека Евангелието Христово, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се основната и единствена водилка во дејствувањето на МПЦ – ОА и ги отфрлаат сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат.
