Можност за стипендии за UX/UI дизајнери, WordPress програмери и Front-End девелопери

Фото: на Институтот за дизајн и технологија - ИДТ Скопје.

Оние кои сакаат да започнат кариера како UX/UI дизајнери, WordPress програмери и Front-End девелопери без разлика дали имаат претходно искуство во ИКТ-индустријата, а сакаат своето образование да го насочат кон технологијата и дизајнот со фокус на развој на веб-страни, имаат можност да добијат стипендија.

Институтот за дизајн и технологија – ИДТ Скопје и Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ започнуваат нова програма за стипендирање. Оваа пилот-програма започнува со Академијата за UX/UI plus, којашто е проширена и го опфаќа целокупниот развој и дизајн на софтверски решенија базирани на веб, покривајќи ги едни од најбараните работни позиции на денешницата: UX/UI дизајнер, WordPress и Front – End девелопер.

„Поддршката се однесува на 3 поединечни стипендии коишто покриваат 50 отсто и 100 отсто од износот на изучувањето на оваа десетмесечна академска програма“, изјави Крсто Златков од ИДТ Скопје.

Процесот на стипендирање од страна на компаниите започнува со „Инфо ден“ којшто ќе се одржи на 07.03.2022 година во Јавна Соба, со можност и за online-следење.

Рокот за поднесување на апликација за стипендија ќе биде отворен до 21 март 2022 година.