fbpx

Можна помош од Советот на Европа за истрагата во Македонија

-

По изјавите на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, дека Торбјорн Јагланд, генералниот секретар на Советот на Европа, треба да оди во Македонија поради политичката криза, Јагланд во Брисел се огласи со кратка изјава, велејќи дека во Македонија „треба да има силна и непристрасна истрага за наводите во прислушуваните разговори, за враќање на довербата“, додавајќи дека Советот на Европа „има неодамнешно искуство“ во надгледувањето судски истраги.

Дипломатски извори блиски до генералниот секретар на Советот на Европа, за „Мета“ објаснија дека „неодамнешното искуство“ за кое говори Јагланд се однесува на надгледувањето на украинската истрага за насилствата на плоштадот Мајдан за време на немирите (од ноември 2013 до февруари 2014 година).

Заклучоците на истрагата беа објавени во март 2015 година.

Телото наречено Меѓународен советодавен панел (МСП) беше предводено од експертот Никола Браза, во соработката со двајца украински експерти, назначени од власта и од опозицијата.

Заклучоците на МСП беа многу критични кон украинската власт.

Надзорот на Меѓународниот советодавен панел, меѓу другото, заклучи дека истрагата за насилствата на Мајдан не ги задоволува европските стандарди за човекови права, дека немало искрена волја да се спроведе истрага, како и дека истрагата не почнала бргу, што само по себе било предизвик за последователните истраги.

Панелот упати остри критики кон украинското јавно обвинителство и за недостигот од финансиски и од човечки ресурси во текот на истрагата.

Работата на Меѓународниот советодавен панел беше поздравена од меѓународните организации и од Русија, но и од украинските власти кои се заложија за подобрување на состојбите.

Иако е нејасно дали ваква мисија е изводлива во Македонија и во каков формат, портпаролот на Торбјорн Јагланд, Даниел Холтген, за „Мета“ изјави: „Советот на Европа е отворен за секакви сугестии и барања од поранешната југословенска република Македонија и ќе помогне да се врати довербата“.

Иако Јагланд не кажа конкретно дека такво или слично тело би се испратило во Македонија, изјавите на Сергеј Лавров и повиците кон оваа организација, каде Русија е членка, се доказ дека Советот на Европа би можел да биде од помош во актуелната македонска криза.

Дипломатски извори во Стразбур, седиште на Советот на Европа, додаваат дека бидејќи транспарентна истрага за прислушувањето е неопходна, ова меѓународно тело би можело да одигра важна улога во враќањето на довербата помеѓу сите страни. Но, Советот на Европа не може да донесе никаква одлука додека тоа не биде побарано од Македонија.

Советот на Европа е меѓународна организација, одделна и постара од Европската унија, во која членуваат 47 земји-членки, меѓу кои Македонија и Русија. Таа се занимава, пред сè, со прашања од областа на човековите права и на демократијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меѓаши: Младите треба отворено да зборуваат ако имаат суицидни мисли

Потребна е поголема поддршка од институциите за негување на детското ментално здравје, а сите треба да учествуваме во детабуизирање на темата. Ова беа заклучоците на денешното презентирање на наодите на...