Доцна е во Македонија да се формира Специјален суд. Неуспехот на Специјалното јавно обвинителство ја продлабочи недовербата на граѓаните во судскиот систем, која може да се врати само преку реформи на институциите, првично на правосудството, но и со почеток на преговорите со Европската унија.

Ова го велат за „Порталб.мк правниот експерт Насер Зибери и експертот за политички прашања Петар Арсовски, за можноста за формирање на Специјален суд за да се врати довербата на граѓаните во судството.

„Премногу е доцна да се формира Специјален суд, требаше да се формира уште кога беше формирано Специјалното обвинителство“, е коментарот на Зибери, кој додава дека апсолутно нема расположение за некаков посериозен чекор.

„Гледате какви преговори се водат, какви компромиси се прават на штета на владеењето на законите и владеењето на правото затоа што неуспехот и капитулацијата на Специјалното обвинителство ги демотивира сите фактори што беа подготвени да направат некаков поголем пресврт. Сега, мислам дека скоро сите се убедени дека ова прашање треба да се затвори што е можно поскоро за да се добие некаков политички извештај и на тој начин, се надевам, ќе се види надежта дека преку преговори за членство е можно да се направи некаков пресврт. Политичките разговори беа капитулација на една толку надежна иницијатива дека е можно да се стори нешто“, вели Зибери, и додава дека ситуацијата во правосудниот сектор е во многу тешка состојба.

Според Арсовски, Специјалниот суд не е решение, бидејќи треба да се реформираат постојните судови, односно да се спроведе нов избор на кадрите.

„Подобро е да ги реформираме судовите што ги имаме отколку постојано да создаваме специјални судови. Исто беше и со СЈО, ќе беше подобро да функционираше редовното обвинителство. Во услови кога не функционираат, веројатно може да се размислува за таа варијанта. Судовите треба да работат на зголемување на довербата на граѓаните во нивните одлуки. Со политичката криза, имиџот на судовите е уништен. Лошо е редовниот да се замени со специјален суд. Подобро е да се реформираат соодветните судови и институции. Сепак, потребен е општ реизбор на кадарот, вели Арсовски.

Инаку, формирањето на Специјален суд во Македонија беше идеја која не заживеа.

Граѓанскиот сектор, но и експерти, во повеќе наврати повикуваа да се формира институција која ќе се занимава само со предмети на Специјалното обвинителство, бидејќи домашните судови одбиваа да соработуваат со специјалните обвинители.

Специјалното обвинителство во моментов е нефункционално. Главната обвинителка која беше назначена за гонење на корупцијата, Катица Јанева, сега е во притвор токму поради корупциски скандал. Обвинителите на СЈО веќе не се „специјални“, бидејќи  се преселени во Републичкото обвинителство, предводено од Љубомир Јовески.