Грант од 500.000 евра може да пропадне доколку не се достави потребна документација до француска компанија која сака да работи на санирање на пречистителната станица на Југохром и да започне подготвителни активности за расчистување на депонијата со шествалентен хром, која му се заканува на изворот за чиста вода Рашче.
Од граѓанската организација Еко свест денеска алармираа дека деновиве истекува рокот за грант средствата, по што постои опасност тие да бидат изгубени.
„По актуелизирањето на ризикот од токсичната депонија со шествалентен хром во Јегуновце да го загади изворот за вода Рашче, Владата одлучи да преземе мерки за спречување на загадувањето. Во моментов постои донатор кој може преку грант да го финансира првиот чекор, санирање на пречистителната станица и подготвителни активности за расчистување на депонијата со шествалентен хром. Но, за да се отвори можноста за финансии, потребно е Министерот да ја достави потребната документација. Рокот е краток, а Еко-свест бара Министерот итно да ги достави потребните документи за да не се испушти можноста за финансирање на овој проект. Ова е прв чекор кон трајно решавање на проблемот“, велат од организацијата.
Екологистите велат дека доколку рокот не се испочитува, нема да има финансиска помош, а со тоа ризикот од понатамошно загадување останува. Решeнијата за депонијата со шествалентен хром беа понудени преку Студијата изработена од ГИМ за изнаоѓање на трајно решение за оваа жешка индустриска точка во земјава. Подземните води во околината на депонијата на Југохром се загадени и до 100.000 пати повеќе од дозволените вредности на шестовалентен хром, а над 7300 тони од овој исклучително канцероген отпад кои се складирани на само еден километар од селото Јегуновце, се закануваат трајно да го загадат изворот Рашче и да го остават Скопје без чиста вода за пиење. Индустрискиот отпад, фрлан со децении на површина од 7,5 хектари е растворлив во вода, но и покрај тоа се уште стои необезбеден.
Депонијата, која е вбројана во индустриските жешки точки во Македонија има 2.2 милиони тони отпад депониран во периодот од 1963 до 2016, од кои околу 7388 тони се шестовалентен хром. Еколошката катастрофа е само прашање на време доколку не се преземат итни активности за трајно решавање на проблемот. Депонијата се наоѓа на само 50 метри од реката Вардар на 80 метри до карстниот аквифер кој го прихранува Рашче, извор на питка вода кој е од стратешки државен интерес, во неговата заштитна зона. Содржи голема количина на опасен отпад кој е лесно растворлив во вода, но и покрај тоа е незаштитена и на површината и на дното.
Пречистителната станица на Министерството за животна средина, во која треба да се собираат и пречистуваат подземните води е неадекватна и нема доволен капацитет, а и функцијата на дренажниот систен е дискутабилна. Заради тоа, многу често се случува излевање на контаминирана вода од депонијата во реката Вардар, во огромни количини, кои се движат и од 50 до 100 кубни метри дневно. Концентациите на шестовалентен хром во подземните води достигнуваат од 10 до 500 милиграми на литар, па и до 1.000 милиграми на литар во дренажниот систем, иако дозолените вредности се 0,01 милиграм на литар.