MOТ: Повеќе од едно на секои шест млади лица останало без работа поради Ковид-19

Повеќе од едно на секои шест млади лица престанало да работи по започнувањето на пандемијата на Ковид-19, додека, пак, работното време на оние што останале вработени било намалено за 23 проценти, покажува најновата анализа на  Меѓународната организација на трудот (МОТ) за влијанието на Ковид-19 врз пазарот на труд.

Според „Мониторот на МОТ: Ковид-19 и светот на работата: 4-то издание“, младите луѓе се несразмерно погодени од пандемијата, а значителното и брзото зголемување на невработеноста кај младите луѓе од февруари досега повеќе ги погодува младите жени отколку младите мажи.

„Пандемијата им нанесува троен шок на младите луѓе. Таа не само што го уништува нивното вработување, туку ги попречува и образованието и обуката и предизвикува поголеми препреки на патот на оние што сакаат да влезат на пазарот на труд или да го сменат работното место. Со 13,6 проценти, стапката на невработеност на младите луѓе во 2019 година веќе беше повисока во споредба со која било друга група. Во светски рамки имаше околу 267 милиони млади луѓе што не се вработени и не се вклучени во образование или обука (NEET). Оние лица на возраст од 15-24 години што беа вработени исто така со поголема веројатност беа вработени во форми на работа што ги ставаат во ранлива положба, како што се ниско платените занимања, работата во неформалниот сектор или како работници мигранти,“ се вели во анализата.

Генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер потенцираше дека економската криза од Ковид-19 им нанела удар на младите луѓе, особено на жените многу посилно и побрзо отколку на која било друга група.

„Ако не преземеме значајни и итни мерки за подобрување на нивната состојба, наследството на вирусот може да остане со нас со децении. Ако нивниот талент и енергија се остават настрана поради недостигот на можности или вештини, тоа ќе и наштети на нашата заедничка иднина и во голема мера ќе ја отежне повторната изградба на подобра економија во периодот по Ковид-19,“ изјави Рајдер.

Мониторот повикува на итни, обемни и насочени мерки од политиките за поддршка на младите луѓе, вклучувајќи општи програми на гаранции за вработување/обука во развиените земји, како и програми и гаранции што вклучуваат отворање голем број работни места во земјите со ниски и средни приходи.