Морничавата димензија на тивките животи

Првиот дел од 65. Филмски фестивал во Солун помина и во знакот на Агора, традиционалниот собир на филмските професионалци кои ги претставуваат нивните нови проекти, како и можноста да се вмрежат во копродукции. Македонската кинематографија годинава имаше учесник кој доби поддршка од SEE Cinema Network во висина од 9.000 евра – филмскиот проект во развој „Не се согласувам“ (I disagree) на Кристијан Ристески и продукциска куќа „Хокус Покус Филмс“, копродукциски проект на Северна Македонија, Кипар и Франција

-

Има филмови од трилер-хорор жанрот чии сцени знаат буквално да ве натераат да скокнете од столчето заради непредвиливоста на дејствието. Има филмови со психолошки сцени кои можат да ви создадат тешка мачнина, иако на екранот нема сурови убиства, крвави сцени и расчерени тела. А има и филмови чие дејствие тече тивко, како мирна, но моќна река, во која сцените што се редат полека и сигурно создаваат чуство на вознемиреност која постојано расте.

Токму филмови како од претходнава реченица прави грчкиот режисер, сега со интернационална кариера Александрос Авранас, кој на годинешниот Солунски филмски фестивал имаше специјална проекција на најновиот филм „Тивок живот“ (Quiet Life). Авранас во 2013 година нè измести „од умот“ со ужасно трогателната семејна драма инспирирана од вистински настани поврзани со „грчкиот Фрицл“ во „Госпоѓица Насилство“ (Miss Violence), а во 2017 година (награден со „Сребрен лав“ за режија во Венеција) со темата за сурогат-мајчиството и мигрантите во „Не ме сакај“ (Love me not), спакувана во трилер жанрот. Сега, пак, во „Тивок живот“ Авранас повторно допира горлива и актуелна тема – маките на мигрантите од европскиот Исток кои по секоја цена сакаат да добијат азил во земја од богатиот Север.

Сцена од „Тивок живот“ | Фото: ТИФФ (TIFF)

Реализиран како француско-германско-шведско-грчко-финско-естонска копродукција, „Тивок живот“ го рекреира авторскиот ракопис на Авранас сместен во речиси дистописка атмосфера, во која доминира неговиот естетски минимализам, препознатлив и по фотографијата на Олимпија Митиленеу и актерскјата игра на Елени Русину, негови постојани соработнички. Авранас во сторијата за напорите на едно семејство од Русија да добие политички азил во Шведска во 2018 година, при што ја напуштат нивната татковина по добиените закани заради спротивставувањето на авторитарниот режим, ги загатнува прашањата за бирократската рамнодушност која толку ги трауматизира двете девојчиња што резултира со тешко заболување, синдром на исклученост на нервниот систем (што како медицинско-социјален феномен е регистриран во Шведска пред неколку години, претежно кај мигрантските семејства). Мајката и таткото, соочени со фактот дека имаат привремен азил сè додека нивните деца, кои буквално стивнати вегетираат како билки во болничките кревети, решаваат да ја преземат судбината во сопствени раце и да се обидат да најдат лек на традиционален начин. Авранас и во овој случај гради одлична филмска приказна откривајќи ни ги тајните превези кои стојат зад сите семејства и општества. Иако првиот впечаток е дека авторот ѝ пристапува на темата апсолутно студено и рационално, ефектот од спознавањето на сржта на драмата ќе ве убеди во спротивното…

Мат Дилон на церемонијата на доделувањето на наградата „Златен Александар“ | Фото: ТИФФ (TIFF)

Таков сличен ракопис има и Мат Дилон во неговата креација во „Да се биде Марија“ на Џесика Пaлуд, со кој се претстави на 65-то издание на Филмскиот фестивал во Солун по повод наградата за животно дело „Златен Александар“. Актерот кој ја започнал кариерата на детска возраст – а по првите два снимени филмови постудиозно ѝ се посветил на глумата образувајќи се на познатата актерска школа на Ли Стразберг – на прес-конференцијата во преполната сала се обиде да ги објасни двата антипода од несреќната сцена полна со родово понижување во „Последното танго во Париз“ на Бернардо Бертолучи. Дилон посочи дека Брандо бил меѓу врвните примери – заедно со Џемс Дин и Монтгомери Клифт – на неговата генерација заради неговата имагинација како актер и бунтовност како личност, а Марија Шнајдер, пак (која во филмот ја толкува ѕвездата во подем, француската актерка со романско потекло Анамарија Вартоломеј), била многу млада кога го снимила филмот, слично како Дилон на почетокот од кариерата, и веќе имала душевна траума заради несредените односи во семејството. Тој спомена и дека, за разлика од порано, на снимањето на „Да се биде Марија“ (реализиран според записите на роднината на Марија, Ванеса Шнајдер) имале асистент за интимност, па реконструкцијата на онаа фамозна сцена на анален секс – која според зборовите на Шнајдер не била дел од оригиналното сценарио – меѓу тогаш 48-годишен Брандо и 19-годишна Шнајдер е повеќе од етички коментар за границите на интимноста кои никогаш не смеат да бидат преминати. Солунското пртетставување на Дилон како сестран уметник вклучува и негово учество во видео-инсталацијата „Интерфирс“ на Јаспер Јуст, во која е прикажана снимка од компјутерска томографија на мозокот на Дилон додека глуми по текст на авторот.

Кога сме кај Брандо, иако е надвор од фестивалскиот контекст, вреди да се напомене дека годинава уште еден филм се занимава со дел од неговиот бурен живот. Тоа е „Валцер со Брандо“ (Waltzing with Brando), со Били Зејн како Брандо од неговиот период на бегство од Холивуд и создавање мал еколошки рај на пуст остров во архипелагот на Тахитите.

Мастер клас на Збигњев Прајснер | Фото: ТИФФ (TIFF)

Меѓу маркантните личности кои го збогатија годинешното издание на Солунскиот фестивал е и филмскиот композитор Збигњев Прајснер (Zbigniew Preisner). Тој одржа инспиративен мастер клас на кој говореше за компонирањето музика и, се разбира, неодминливиот режисер Кшиштоф Кешловски, со кого имал интензивна соработка од 1988 до 1995 година, кога ги реализирале серијалите „Декалог“ и „Три бои“. Во тој период, како што истакна Прајснер, не памети ништо друго освен компонирање музика за 17 филмови колку што реализирале за тие 9 години.

„Филмот е како личност. Имаме раце, стапала, нозе, глава, сите оние делови што го сочинуваат телото, а истото важи и за филмот. Составен е од повеќе делови, од кои еден е музиката. Кога гледам филм, го слушам и обработувам како да го креирам саундтракот. Музиката е единствениот метафизички аспект на филмот. Ние не го гледаме тоа; само го слушаме и чувствуваме. Се разбира, сè зависи од режисерот“, рече меѓу другото Прајснер на мастер класот.

За тоа како изгледала соработката со големиот Кешловски, Прајснер вели:

Ме замоли да бидам вреден, внимателен и точен. И станавме пример за дуо на точност. Двајцата си купивме рачни часовници од Цирих, а тој ми се јавуваше речиси на секои четири часа за да провери дали нашите часовници се усогласени, раскажа Прајснер.

Првиот дел од 65. Филмски фестивал во Солун помина и во знакот на Агора, традиционалниот собир на филмските професионалци кои ги претставуваат нивните нови проекти, како и можноста да се вмрежат во копродукции. Македонската кинематографија годинава имаше учесник кој доби поддршка од SEE Cinema Network во висина од 9.000 евра – филмскиот проект „Не се согласувам“ (I disagree) на Кристијан Ристески и продукциска куќа „Хокус Покус Филмс“, копродукција на Северна Македонија, Кипар и Франција.

Агора на Солунскиот фестивал е одлична отскочна даска, посебно за проектите од поширокиот регион, за што говори и фактот дека 11 филмски наслови од годинешните натопреварувачки селекции минативе години учествувале во програмите на Агора.

Пишува: Стојан Синадинов

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

За справување со пожарите и поплавите итно ни треба Национален план за адаптација

Македонија, како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, мора итно да изработи Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерки...

Линеарното покачување на пензиите бара повисоки даноци и работен век до 67 години и за мажи и за жени

Линеарното покачување на пензиите од 5.000 денари, 2.500 денари во октомври и уште 2.500 денари во март в година, на долг рок ќе ја наруши одржливоста на Фондот за пензиско и...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината...