За да можат здравствените власти да ја „одјават“ епидемијата со морбили, потребно е да поминат 42 дена од последниот пријавен случај. Тој период сè уште не е поминат, бидејќи последниот пријавен случај беше на 13 септември, вели за „Мета.мк“ д-р Владимир Микиќ, претседателот на Комисијата за заразни болести.

– Прогласувањето на крај на епидемијата нема да ги промени работите. Може да се случи на пример денека да има нов случај, па сметањето ќе започне од денеска па во следните 42 дена за да има крај. За ставање на одлуката за епидемија вон сила, треба да имаме и законска и епидемиолошка основа. Инаку, в петок ќе излеземе со број на првачиња кои немаат примено МРП, сега ги правиме анализите. Генеално опфатот со вакцинација на деца е над 98 отсто, што е добар процент – вели д-р Микиќ.

Проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на националниот комитет за имунизација вели дека е успех што цел септември нема пријавено нов случај на заболено дете со мали сипаници.

– За тоа, што се случува на терен, дали и колку првачиња има кои не примиле МРП и поради тоа се надвор од образовниот систем, не е наша работа. Со тоа треба да се занимаваат правниците. Реално има проблем со два закони, факт е дека основното образование е загарантирано со Устав, а овие одлуки и мерки за невакцинираните деца беа донесени уште во април односно мај. Како се решава овој проблем на терен, не знам. Во овој период, добро е тоа што цел септември помина, а немаме ниту едно новозаразено дете. Тоа значи сè е в ред, децата се извакцинираа и ситуацијата со новозаболени деца почна да се менува од април наваму, кога почна задолжителнната имунизација. Ова покажува дека мерката беше на место, ние сега во училиштата и во градинките немаме морбили, без оглед на тоа колку таа мерка на забрана беше непопуларна – вели Грозданова.

Во меѓувреме, здружението „Од нас за нас“, кое пред две недели организираше конференција за предизвиците со кои се соочуваат родителите во врска со вакцинацијата, објави и отворено писмо до министерот за образование и наука Арбер Адеми, во кое потсетува дека има првачиња кои веќе цел месец не се на училиште. Во писмото стои и дека ќе поднесат и кривична пријава за министерот.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, кој редовно информира за состојбата со мали сипаници, стои дека заклучно со 27 септември, не се регистрирани нови случаи на мали сипаници.

„Вкупниот број на регистрирани случаи во републиката изнесува 1.900. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 39.217“, стои во нивниот последен извештај.