Претседавачот на ОБСЕ и австриски министер за надворешни работи Себастијан Курц, министерот за надворешни работи Никола Попоски и шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен, како и неформалната советодавна група за млади при Мисијата синоќа разменија мислења за перспективите на младите во борбата против терористичката радикализација и насилниот екстремизам за време на тркалезната маса која се одржа вчера во Скопје.

– Покрај мојата секојдневна размена на мислења со политичари, официјални претставници и експерти, јас многу ги ценам и ситуациите кога можам да ги видам работите од поинаква перспектива. Да се разговара за предизвиците денес, со оние кои ќе носат одлуки утре е од посебна важност за мене. Мора да ги слушаме младите, да им дадеме поголема улога и да ги направиме дел од решението – изјави Курц.

За време на настанот, насловен како “Не за радикализацијата: Младите против насилниот екстремизам”, членовите на локалните младински совети од Битола и Кичево, како и граѓанските организации, зборуваа за напорите да се идентификуваат и адресираат условите кои водат кон радикализација и екстремизмот кој води кон тероризам. Тие разговараа и за иновативни пристапи во справувањето со овој предизвик.

Попоски рече дека образованието е клучен фактор во борбата против насилниот екстремизам и истакна дека прекуграничната соработка меѓу институциите видно заостанува зад мрежата за регрутација.

Суомалаинен ја нагласи важноста на ангажирањето на младите, особено на локално ниво.

– Верувам дека грасрут движењата можат да ја зацврснат отпорноста на општествата кои се соочуваат со овие појави. Треба да ги слушаме и да ги вклучуваме младите, ако сакаме да успееме  – рече Суомалаинен.

Курц ја пофали Мисијата на ОБСЕ во Скопје поради тоа што го користи своето вредно и посветено присуство, како и долгогодишната соработка со сите заедници како ресурс во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот кој води кон тероризам, преку ангажман на младите.

Тркалезната маса е дел од активностите на Мисијата за вклучување на  младите и граѓанските организации во борбата против насилниот екстремизам. Придонесот на младите лидери и претставниците на граѓанските организации и тинк-тенкови – Аналитика, Центарот за меѓукултурен дијалог, Хелсиншки комитет за човекови права и Демокраси лаб – обезбеди важна основа за понатамошна работа во оваа област.