fbpx

Монтажен паркинг во Тетово-4.555 евра за едно паркинг место, жителите поднесоа жалба до институциите

-

Додека компанијата „Еуровија“ ги врши последните подготовки за изградба на монтажен паркинг во централниот дел на Тетово, кој се очекува да биде готов во септември годинава, десетици жители од оваа населба поднеле жалба до Влада на РСМ и други релевантни институции. Велат дека паркингот се гради незаконски и дека ќе предизвика големи здравствени штети. 4.555 евра чини едно паркинг место, а вкупниот капацитет ќе биде 180 возила. За Порталб.мк, жалбата ја потврдија и од Владата на РСМ.

Владата на РСМ, Министерството за транспорт и врски, како и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, вчера добија детален приговор од жителите на населбата каде што се очекува да се гради монтажниот паркинг од општина Тетово, како нарачател на проектот.

Според жителите, иако се очекува овој паркинг да биде изграден во нивниот двор, никој од општинските власти не ги известил претходно, а постапката е спроведена на нетранспарентен начин.

„Градоначалничката Арифи без постапка и на нетранспарентен начин ја водеше оваа работа, ја избра компанијата која ќе го гради Катниот паркинг за возила на единствената локација во центарот на градот што може да се користи за изградба на парк и подземен паркинг, за околу 1.000 жители кои живеат таму. Вредноста на катниот паркинг е околу 824.000 евра“, пишува во жалбата на жителите на населбата.

Според нив, има прекршувања на некои членови од законот за градба и законот за животна средина, а се работи за прекршување на членовите 3, 8, 10, 13, 43, 71, 72 и на членот 136 од Законот за градење и повреда на член 22, 22-а, 22-б, 23, 26, 26-а, 28 од законот за животна средина од страна на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, како нарачател.

Жителите од населбата предупредуваат дека со изградбата на овој паркинг, има простор некој во иднина да сноси кривична одговорност, поради бројните законски прекршувања, што според нив е забрзано „заради ситуацијата“, алудирајќи на локалните избори.

Покрај правниот дел, жителите предупредуваат дека изградбата на овој паркинг според нив може да го зголеми бројот на пациенти со белодробни заболувања и да ја зголеми инциденцата на карцином, од повеќе причини.

„Оваа непланирана конструкција од страна на Општина Тетово за граѓаните ќе донесе зголемување на белодробните заболувања, вклучително и кај младата популација, како и почести канцерогени заболувања поради затворениот простор и недостаток на какво било зеленило во централниот дел на градот“, е наведено во жалбата.

Тие бараат од горенаведените институции да започнат релевантна постапка со која, според нив, „ќе се потврди незаконската постапка од страна на општина Тетово“.

Владата со потврда: Добивме жалба, ја разгледуваме

Владиниот портпарол Мухамед Хоџа денеска преку прес-конференција истакна дека пристигната е жалба од неколку жители од населбата каде се очекува да се гради монтажниот паркинг и дека ја разгледуваат истата.

„Владата на РСМ ќе ја разгледа жалбата добиена од неколку жители од населбата што ја потенцирате за изградба на катен паркинг и по консултација со релевантните институции ќе изградиме позиција за која јавноста ќе биде информирана“, рече за Портал.мк, портпаролот на владата на РСМ, Мухамед Хоџа.

Колкав ќе биде капацитетот на овој паркинг и колку чини?

Од компанијата, која го добила тендерот за изградба на катниот паркинг, информираат дека станува збор за вкупно 180 места за паркирање и дека тоа ќе биде еднокатен паркинг, односно приземје и кат.

„Покриената површина е 2.200 м2 со околу 180 паркинг места. Ќе биде на две нивоа, приземје и кат“ информираа за Порталб.мк од „Еуровиа”.

Од „Еуровиа” ветија дека работите ќе започнат во текот на април, додека еднокатниот паркинг зад ресторанот „Тиволи“ во Тетово, според нив се очекува да се заврши во септември 2021 година.

Имаше многу полемики од граѓаните во врска со трошоците за овој проект. Еднокатниот паркинг ги чини тетовските даночни обврзници вкупно 820.000 евра, и испаѓа дека за едно паркинг место се платени 4.555 евра, без вклучена цена за другите работи. Само за информација, минатата година во општина Куманово беше отворен првиот монтажен паркинг, кој има капацитет за вкупно 80 автомобили и чини 240.000 евра, што е 3.000 евра за паркинг место.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го ветува овој проект од 2013 година

Проектот за подземни или катни паркинзи останува неисполнето ветување на градоначалничката Теута Арифи, иако истото беше ветено уште во 2013 година кога за прв пат Арифи се кандидираше за градоначалничка на Тетово.

„Го гледам Тетово со ефикасна патна инфраструктура, подземен паркинг и редовни линии на јавен превоз“, рече Теута Арифи во 2013 година.

Истото ветување градоначалничката Арифи го повтори и за време на предизборната кампања 2017 година, кога рече дека овие паркинзи ќе го решат сообраќајниот проблем во Тетово.

„Пренатрупаниот сообраќај е еден од најголемите проблеми што ги има градот. Основавме претпријатие за Градски паркинг и успеавме да ја намалиме напнатоста во градот, а проектот планираме да го прошириме во следниот и со паркинг места. Мислам дека катните гаражи ќе го решат овој проблем“, рече Теута Арифи во Топ Тема во 2017 година.

Инаку, ова не се единствените нереализирани проекти за олеснување на сообраќајот во Тетово. Како во предизборната кампања од 2013 година, така и во 2017 година, градоначалничката Арифи вети отворање на булеварот „Благоја Тоска“, обезбедување на автобуси за јавен превоз како и отворање на уште два булевара, од кои досега е реализира само продолжувањето на булеварот Индустриска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Потпишан законот за забрана на ТикТок во САД, доколку апликацијата не биде продадена

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го потпиша законот со кој во САД се забранува апликацијата во кинеска сопственост ТикТок, доколку не се продаде на американска компанија во рок од...