fbpx

Мониторинг на медиумското известување за Пописот 2021: Изразена политизација во објавените прилози

-

Изразена политизација на пописот во објавените медиумски прилози за него, е еден од клучните наоди на мониторингот на медиумското известување на оваа тема што го спроведе НВО Инфоцентарот, во периодот од 1 март до 2 април 2021 година, за време на работните денови од понеделник до петок.

„Во известувањето за пописот доминираа политичко-партиските реакции со високи 60,5 отсто од објавите, додека прилозите посветени на конкретните пописни активности беа застапени со само 22,2 отсто“, е еден од клучните наоди од спроведениот мониторинг во кој беа вклучени девет медиуми од земјава.

Извор на илустрација: НВО Инфоцентар

Овие бројки ја потврдуваат изразената политизација на пописот во медиумите која прогресираше од недела во недела, за својата кулминација да ја достигне во деновите по лидерската средба (29 март – 2 април), кога се очекуваше Собранието да ги изгласа измените на законот и да го одложи пописот за септември годинава.

Државниот завод за статистика (ДЗС), институција законски надлежна за подготовка и спроведување на пописот, како извор на информации беше застапен во само 22 отсто од вкупниот број анализирани медиумски содржини.

„Нискиот процент на користење на ДЗС како извор на информации претставува јасен индикатор за уредничкиот приод, кој од една страна, ги маргинализира службените информации за пописот, а од друга страна, става поголем акцент на политичко/ партиските влијанија и импликации врз пописниот процес“, велат од НВО Инфоцентарот во однос на спроведениот мониторинг.

Во мониторингот беа вклучени 4 информативни портали (Плусинфо, Фронтлајн, Курир и 360 Степени) и централните вести на 5 национални телевизии, вклучително и јавниот радиодифузен сервис – МРТ 1, Телма, Сител, Алфа и Алсат М (вестите на македонски јазик). Главната цел на мониторингот бил следење на начинот на кој медиумите известуваат за пописот и како тоа влијае врз информираноста на граѓаните и нивното учествување во пописниот процес.

Во однос на доминантните теми и аспекти поврзани со пописот што се нашле во медиумските извештаи, од НВО Инфоцентарот велат дека зголемувањето на бројот на позитивни случаи од корона вирусот во државава, во периодот на подготовки за пописот, го наметнало клучното прашање – дали и колку теренското попишување ќе биде безбедно од здравствен аспект, како за граѓаните, така и за попишувачите.

„Постепено се развија два клучни, но спротивставени наративи: (а) Одржувањето на пописот е безбедно за попишувачите и граѓаните, застапуван од власта и институциите вклучени во изведувањето на пописот, и (б) Пописот е сериозен здравствен ризик, стојалиште на опозициските политички субјекти и на дел од граѓанските иницијативи за бојкот на пописот“, се вели во соопштението на НВО Инфоцентарот.

Втората клучна тема во медиумските прилози бил пописот на дијаспората, кој започна на 1 март. Во дел од мониторираните медиуми наклонети кон опозицијата, се развивал наративот дека „албанските политичари многу поактивно ги мотивираат етничките Албанци од дијаспората да се вклучат во онлајн попишувањето, за разлика од етничките Македонци во власта“, велат од НВО Инфоцентарот.

„Во делот на медиумската поддршка за одржување на пописот, забележителна присутност имаше и наративот дека „пописот е статистичка операција од јавен интерес која не треба да се политизира“, се наведува во соопштението за спроведениот мониторинг на медиумското известување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...