МОН: ВМРО-ДПМНЕ дезинформира дека ќе се укинат печатените учебници

Фото: Thomas Park на Unsplash

Министерството за образование и наука реагира на прес конференцијата на претставничката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Весна Кусакатска, која вели дека ќе се укинат печатените учебници. Oд министерството се децидни дека во ниту еден случај нема да дозволат било кој ученик да остане без учебник независно дали е тоа електронски или печатен.

„Kако што и беше најавено од следната учебна година ќе се примени комбиниран начин на учењеn кој подразбира употреба и на печатени и на дигитални учебници“, велат од МОН.

Додаваат за учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос кон на детето кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ технологија и електронски алатки.

Оттаму уште еднаш потенцираат дека доколку по волја на учениците и нивно изјаснување дека сакаат наставата да ја следат од печатен учебник, тоа ќе биде овозможено. Додека лектирите и понатаму ќе бидат достапни само во печатена форма.

Меѓу другото, во врска со изнесувањата дека 10 проценти од учениците не се вклучени во наставата, од МОН информираат:

Се работи за апсолутна невистина, бидејќи преку хибридниот модел на настава (со физичко присуство, онлајн настава, достава на печатени материјали и едукативни емисии на МТВ) правото на образование никому не е скратено

Од министерството исто така, додаваат дека за првпат во учебната 2021/2022 година сите учебници ќе бидат достапни во аудио формат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид.