МОН: Училиштата ќе продолжат да работат и ќе примаат ученици и од понеделник

фото: Ivan Aleksic на Unsplash

И од понеделник, за кога е најавен штрајкот од страна на рaководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно-образовен процес, извести Министерството за образование и наука (МОН).

„Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година“, велат од МОН.

Од таму додаваат дека прекин на наставата не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата.

„Училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно-образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото“, се вели во соопштението на МОН.

Претходно СОНК најави дека од утре организира генерален штрајк во училиштата и градинките затоа што не постигнале договор со надлежните за зголемување на платите. Тие најавија дека вработените кои ќе бидат во штрајк нема да вршат прием на деца во градинките, ниту пак настава во училиштата.