Вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта добиваат поддршка од државата заради непречена работа и реализација на мисијата заради која постојат – едукација на младите, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).
Оттаму велат дека владината мерка за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час е голема поддршка за непречено организирање на настава со физичко присуство, за која велат дека е од најголем интерес на учениците.
„Во услови на прогласена кризна состојба, со склучување на договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, тие ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што, се зголемува сигурноста дека воспитно – образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината“, велат од МОН.
Министерството апелираше сите образовни институции и установи доследно да ги почитуваат владините препораки за рационално користење на електричната енергија. Од МОН велат дека токму штедењето на електричната енергија е еден од факторите кои влијаат на одржливоста на наставата во училнииците, но истовремено се подигнува и стабилноста на енергетскиот систем и се обезбедува доволно струја за потребите на домаќинствата.