МОН: Студентите можат да се пријават за субвенциониран студентски оброк до 30 ноември

Илустрација: Мета.мк

Студентите кои до сега не оствариле право за субвенциониран студентски оброк може да аплицираат до крајот на овој месец, заклучно со 30 ноември, соопшти Министерството за образование. Оваа можност за сите студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, ќе биде достапна секој месец и тоа од 20-ти до 30-ти, односно 31-ви во месецот.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Министерството информира дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.

Досега, правото на субвенциониран студентски оброк го остварија 18.105 студенти на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.