МОН: Студенти, аплицирајте да добивате 2.400 денари месечно за студентски оброк

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН), потсетува дека во тек е јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, што подразбира
добивање на месечен паричен надоместок од 2.400 денари за девет месеци во годината. Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август 2021 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.

Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на С. Македонија. Притоа, апликантите треба да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци, како и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

„При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк, а воедно упатуваме апел да го погледнат и документот – Насоки за внесување на трансакциска
сметка при пријавување за субвенциониран студентски оброк. МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите“, се вели во соопштението.

Финансиската поддршка во износ од 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови, не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 14 септември.

Според пресметките, со ова решение ќе бидат опфатени 40.000 студенти, за што, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра. Студентите ќе можат средствата да ги користат за купување на добра и услуги кај сите трговци.

На следниот линк можат да се најдат одговори на сите најчесто поставувани прашања
за време на досегашниот период на аплицирање.

„Дополнително, МОН обезбедува и непосредна поддршка за аплицирање за
остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за
ученички и студентски стандард и тоа на следните контакти: 075 276 310 Ќенан Сали
([email protected]), 076 485 023 Џемиле Ламалари ([email protected]) или 070 622 853 Неше Мустафа ([email protected]) или преку наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството“, додаваат оттаму.