МОН со повик до студентите да учествуваат во екстерната евалуација на универзитетите во земјава

фото: www.mon.gov.mk

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека со Агенцијата за квалитет во високото образование ги вклучуваат студентите во процесот на евалуација на високообразовните институции и студиски програми во Република Северна Македонија.

За таа цел, објавен е конкурс за пријавување на заинтересираните студенти за учество во оваа постапка.

Условите кои треба да ги исполнува секој апликант вклучуваат – студентот да е државјанин на Република Северна Македонија, да има статус на редовен студент на прв, втор или трет циклус на студии во земјава, да има претходно искуство во евалуација на високообразовни институции во земјата или странство и да има познавање на англискиот јазик.

Како што соопштија од МОН, пријавувањето се врши со пополнување на образец кој е достапен на веб страната на Агенцијата за квалитет во високото образование на овој линк. Потоа, истиот образец, потпишан и скениран треба да се достави на електронските адреси [email protected] и [email protected].

Крајниот рок за пријавување е 18 септември.