Родителите и старателите на учениците од сега до електронскиот дневник ќе можат да пристапат и преку мобилна апликација развиена од Министерството за образование и наука (МОН).
За новата апликација „Е-дневинк“ денеска на прес-конференција информираше министерката Весна Јаневска, која рече дека апликацијата овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
Апликацијата „Е-Дневник“ може да се симне на ednevnik.edu.mk, преку банер поставен на веб-страницата на МОН или пак да се преземе од продавниците за апликации, на кој било паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем.
„Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека сите податоци кои се внесуваат во електронскиот дневник, се архивираат и корисникот на апликацијата има увид во податоци од тековната, но и од која било учебна година наназад.
„Веќе ја тестиравме и се уверивме во функционалноста на апликацијата. Сигурна сум дека ќе биде многу користена, затоа што нема родител или старател кој не е заинтересиран да го следи и да учествува во образованието на своето дете. Одговорноста за едукацијата на младите е заедничка и подеднаква и на институциите и на семејствата на учениците“, кажа денеска Јаневска.
За каква било корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса [email protected], информираа од МОН.
Со цел намалување на административната работа на наставниците, Јаневска информираше дека податоците од електронскиот дневник ќе ги печатат само еднаш годишно, односно на крајот на учебната година, наместо како досега на месечна основа.
Инаку, Јаневска кажа и дека наскоро започнува пилотирањето на новиот електронски систем за административна работа на училиштата и електронски дневник во повеќе училишта, пред да бидат официјално применети.
„Подготвуваме неколку електронски регистри кои ќе се користат за потребите на науката, за признавање на странски високообразовни квалификации и за евидентирање на стипендирани македонски студенти во странство и нивно поврзување со работодавачи. Паралелно продолжуваме со обезбедување на квалитетна ИТ инфраструктурна мрежа во училиштата, нови дигитални алатки во наставата, а ќе продолжи и дигитализацијата на учебниците“, рече Јаневска.