МОН: Промена која носи квалитет на образованието, не смее да биде причина за бојкот на настава од учениците

Фото: Annie Spratt на Unsplash

Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е современо решение базирано на глобални образовни стандарди и значително ќе ја унапреди наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намали обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесе подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем. Оваа промена не смее да биде причина за бојкот на наставата, велат од Министерството за образование и наука (МОН).

„По објавувањето на информации во дел од медиумите дека учениците од одредени средни училишта се организираат денес да ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упатува апел до нив и до нивните семејства, да продолжат да учествуваат во воспитно – образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес. Во спротивно, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење кое понатаму тешко се надоместува. Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците.

„Истовремено, нагласуваме дека исклучително е важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои транспарентно и на дневна основа ги дава Министерството за образование и наука и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените. Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства,“ додаваат од МОН.

Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи за ММС изјави дека тие не организираат никаков бојкот на наставата и дека организацијата е на одредени групи кои манипулираат со јавноста.

„Сојузот на средношколци не донел таква одлука. За бојкотот во некои училишта утринава дознавме од вас медиумите. Сигурно тоа се користи за манипулација на учениците и политичко поентирање,“ рече Ходаи.