МОН отвори информативна веб страница за реформите во основното образование

Фото: МОН

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека отвори нова информативна веб страница на која може да се добијат информации за реформите што се креираат и спроведуваат во основното образование, според планот за промени и унапредување на квалитетот на националниот образовен систем.

„На www.osnovnoobrazovanie.mon.gov.mk медиумите и граѓаните може да се информираат за сите тековни и идни активности кои МОН и другите надлежни институции во областа на образованието ги спроведуваат, односно планираат со цел модернизација на базата на образовниот систем во државата и фаќање чекор со стандардите за квалитет кои ги наложуваат земјите од развиениот свет“, информираат од МОН.

Веб страницата содржи детално појаснување на содржината на планот за реформа на основното образование, а јавно се објавени сите документи поврзани со промените, како концепцијата за основно образование, новите наставни програми и националните стандарди, но и постојната и законската регулатива која е во фаза на подготовка или веќе се наоѓа во собраниска процедура на усвојување. Исто така, во посебно мени можат да се најдат и одговори на сите најчести дилеми и поставувани прашања во јавноста за одредени аспекти на промените.