МОН: Опозицијата го блокира Законот со кој на наставниците континуирано ќе им растат платите

Министерката Царовска во посета на стручните училишта каде што има дуално образование / Фото: МОН

Пратениците повеќе од три месеци не ги гласаат законските измени со кои на наставниците и стручните соработници им се обезбедува континуиран раст на платите и подобар статус. Во законот кој го блокираат пратениците од опозицијата стои клаузула со која правно се заштитува понатамошно девалвирање на платата на наставникот, односно за првпат платата на наставниот кадар се усогласува со минимална плата. Како ќе расте минималната плата, така ќе растат и платите на наставниците, реагираше Министерството за образование и наука (МОН).

Денеска Наставничкиот пленум се закани дека ќе го бојкотираат почетокот на новата учебна година во основното и средното образование, доколку не им се зголемат платите на наставниците. Тие со писма се обратија до министерката за образование и наука Мила Царовска, како и до двата синдикати – Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Независниот синдикат за образование и наука (НСОН).

Од Наставничкиот пленум велат дека се незадоволни од висината на основната плата на наставниците, при што од министерката бараат максимално да се заложи во Владата и да им излезат во пресрет на сите вработени во образованиетоо со тоа што ќе биде обезбедено покачување на платите во новата учебна година.

Од МОН пак велат дека поради блокадата наметната во Собранието, не може да се озакони уште една нова мерка од власта – сите вработувања во училиштата од старт да бидат на неопределено време, а оној наставен кадар што сега е вработен на определено време, со изгласувањето на новиот закон ќе добијат трансформација на работниот однос во трајно вработување.

„Потсетуваме дека со истите законски измени се уредува и сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досега да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација. Воедно и сите 4.700 наставници и стручни соработници, кои во моментот се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување, доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

Законот, кој е блокиран во Собранието, предвидува и исплата на целосна плата за неполн неделен фонд на часови на наставниците кои ќе реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата“, се вели во реакцијата од МОН.