МОН: Oколу 0,02 проценти од вкупно 240 илјади ученици на ниво на држава се новозаразени случаи на ковид-19

Фото: Мета.мк

Според последниот пресек на Министерството за образование и наука добиен од училиштата, околу 0,02 проценти од вкупно 240 илјади ученици на ниво на држава се новозаразени случаи на ковид-19, истиот процент е и кај наставниците, информираат од таму.

„Од почетокот на учебната година до сега активни случаи од учениците биле 0,2 проценти. Дел од нив се веќе негативни и вратени на училиште, а дел се уште се во изолација. Што се однесува на деталните податоци, нив ги поседуваат надлежните здравствени служби кои ги издаваат решенијата за изолација.Тоа што е особено важно да се потенцира е дека во училиштата до сега нема трансмисија на заразата. При појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите,“ се вели во соопштението.

МОН апелира на доследно почитување на здравствените протоколи и одговорно однесување од страна на сите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, бидејќи само на тој начин ќе ја одржиме наставата со физичко присуство во училница, која е во најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива.