МОН објави прашалник со кој ги повикува родителите да го споделат искуството со далечинско учење

Фото: Unsplash / Green Chameleon

Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави повикот за родители и старатели за учество во истражување, со цел сеопфатно истражување во основните и средните училишта, а е поврзано со здравствената криза со корона вирусот.

„Основната цел на истражувањето е да ги сумира сите релевантни искуства и да го процени севкупното влијание на пандемијата ковид-19 врз образовниот процес во земјата. Преку вклучување на сите засегнати страни (даватели и корисници на услуги во образовниот сектор) – директори, наставници, родители и ученици, ова истражување ќе ни даде директен увид во различните искуства и важните аспекти на учењето на далечина“ информираат од МОН.

Како што велат оттаму, добиените сознанија ќе се искористат исклучиво за анализа на постојната состојба и за креирање на идните планови и активности во образовната политика.

Прашалниците за родителите се достапни на македонски и албански јазик.

Истражувањето е во изработка на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, со поддршка од канцеларијата на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија и Реактор – Истражување во акција.

Министерството за образование и наука ја објави нацрт верзијата на Концептот за развивање систем за образование од далечина во основните и средните училишта во Република Северна Македонија. Притоа ги повика сите заинтересирани кои можат да придонесат кон подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ, да достават предлози и сугестии на електронската адреса [email protected] најдоцна до 10 јули, петок.