МОН: Објавени се дополнителни конкурси за ученички и студентски стипендии за 2020/2021 година

Фото: Tim Gouw на Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека објавени се дополнителни конкурси за доделување на преостанатите ученички и студентски стипендии кои останаа недоделени по завршувањето на првично објавените конкурси за учебната, односно академската 2020/2021 година.

Конкурсот за доделување на стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија е објавен на следниот линк. Истиот предвидува распределба на 318 стипендии за студенти од социјални категории, 64 стипендии за студенти кои оствариле висок просек во учењето и 21 стипендија за студенти запишани на студиски програми по математика, хемија и физика.

Додека, конкурсите за доделување на ученички стипендии се објавени на следниот линк и со истите е предвидено доделување на 25 стипендии за ученици – деца без родители, 10 стипендии за талентирани ученици и 20 стипендии за талентирани ученици – спортисти, запишани во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.

Потенцијалните кандидати кои ги исполнуваат конкурсните услови, можат да одберат своја апликација и заедно со сите потребни документи да ја достават хартиено преку архивата на МОН, или пак, да аплицираат електронски преку интернет платформата www.konkursi.mon.gov.mk, најдоцна до 11.1.2021 година.

„Напоменуваме дека апликацијата се смета за успешно поднесена откако ученикот, односно студентот по притискање на копчето „аплицирај“ ќе добие ИД (идентификациски број) на апликацијата“, информираат од МОН.

За било какви дополнителни информации и поддршка, контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк.