МОН: Објавен огласот за новите наставни материјали за четвртоодделенците

Photo by Max Fischer from Pexels

По усвојувањето на новите наставни програми за четврто одделение, чија примена започнува со новата учебна 2021/2022 година, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО), објавија повик за искусни практичари за изработка на нови материјали за учење и прирачници за реализирање на наставата во четврто одделение, кој може да се погледне на следниот линк.

Материјалите за учење се однесуваат на предметите Македонски јазик, Албански јазик, Турски јазик, Српски јазик, Босански јазик, Математика, Природни науки и Историја и општество, додека прирачниците се наменети за изведување на наставата по Музичко образование, Ликовно образование, Физичко и здравствено образование и Техничко образование.

Сите содржини во материјалите за учење и во прирачниците за наставниците треба да се базирани на современи, научно засновани и релевантни сознанија, а сите примери и активности да бидат креирани на начин и авторски јазик кој ќе биде интересен за учениците и соодветен нивната возраст. Истите треба да ја промовираат еднаквоста и почитувањето на различностите, инклузивноста, да ја поддржуваат мултиетничката интеграција и да придонесат секој ученик да ги постигне очекуваните резултати од учењето и да ги стекне компетенциите дефинирани во новите наставни програми за четврто одделение.

За потсетување, во текот на минатиот месец беа изработени и наставните програми за прво одделение, а воедно и објавени повиците за автори/авторски тимови за изработка на материјалите за учење и за ликовни илустратори/графички дизајнери за изработка на детски илустрации.