МОН: Нема упад во електронските системи и бази со податоци на МОН

Фото: Министерство за образование и наука

По објавата на Твитер во која наводни хакери со име „Моќната грчка армија“ соопштија дека го пробиле компјутерскиот систем на Министерството за образование и притоа ја презеле контролата врз надзорните камери и врз интернет страницата на МОН, од министерството апелираат граѓаните да не наседнуваат на шпекулации.

„Веста која е објавена на социјалните мрежи и која брзо се прошири, не е точна. Видео снимките од безбедносни камери кои се прикажуваат, не се од простории на министерството. Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на шпекулации и да бидат спокојни по однос на прашањето за зашитита на личните податоци со кои располагаме за учениците, студентите, наставниот кадар и слично. Системите на МОН се соодветно заштитени“, соопштија од Министерството за образование и наука.

Од таму информираат дека по направени проверки на соодветната внатрешна служба заедно со надлежните институции за справување со компјутерски инциденти, не е констатиран никаков упад во електронските системи и бази на податоци со кои располагаме како институција.

„Во меѓувреме остануваме во постојана координација и продолжуваме да работиме со сите релевантни институции и органи кои работат во областа на компјутерскиот криминал и конфликти, а во насока на подигнување на безбедноста на електронските системи на уште повисоко ниво“, додадоа од МОН.

Во објавата на „Моќната грчка армија“  покрај снимката е оставен и линк до наводната база на податоци. Овој линк води до група на фајлови кои ако се симнат на компјутер или мобилен телефон можат да доведат до нарушување на безбедноста на уредот.