МОН: Ќе се потпишуваат спогодби за ретроактивна исплата на зголемените ученички и студентски стипендии

Еден дел на студентите ќе им биде префрлен на трансакциските сметки во октомври годинава, а вториот дел во февруари 2024 година

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Учениците и студентите кои добиваа пониски стипендии по последното покачување од учебната 2021/2022 година, сега ќе треба да потпишат нови договори со Министерството за образование и наука за да им биде исплатена разликата ретроактивно.

Попрецизно речено, од МОН информираа дека:

Сите ученици и студенти кои оствариле право на стипендија пред учебната односно академската 2021/2022 година и доставиле анекси кон нивните договори за изедначување на стипендијата, ќе можат да потпишат спогодба со Министерството за образование и наука (МОН) за ретроактивна исплата на разликата до зголемената стипендија за академската 2021/2022 година и за дел од 2022/2023 година.

Од МОН додаваат дека износот на разликата за студентите ќе се надомести преку две исплати. Еден дел ќе им биде префрлен на трансакциските сметки во октомври годинава, а вториот дел во февруари 2024 година. За учениците, пак, износот на разликата до зголемените стипендии ќе се исплати исто така во октомври 2023 година.

За појаснување, во 2021 година Министерството го покачи износот на студентските стипендии, но повисокиот износ од 6.050 денари важеше само студентите што аплицираа во таа академска година, додека студентите што аплицирале претходно продолжија да ги земаат старите и пониски суми. По реакциите на студентите и утврдената индиректна дискриминација од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, МОН одлучи покачените стипендии да важат за сите студенти и ученици.

Тоа значи дека студент што од 2021 година добивал стипендија од 3.300 денари, сега на своја сметка ќе ја добие разликата до сумата од 6.050 денари месечно, односно ќе добие дополнителни 2.750 денари за девет месеци во академската 2021/2022 година (вкупно 24.750 денари) и дополнителни 2.750 денари за шест месеци во тековната академска година (вкупно 16.500 денари) заклучно со месец март. Преостанатите три месеци од оваа учебна година студентите ќе ја земаат повисоката сума во износ од 6.050 денари.

Од МОН напоменуваат дека спогодбите ќе можат да ги потпишат само оние студенти, односно ученици кои доставиле анекси на договорите за стипендија до Министерството за образование и наука во предвидениот рок.