МОН ќе додели уште 1.290 стипендии за ученици во дуални паралелки и во тригодишно средно стручно образование

Фото: МОН

Министерството за образование повторно ги отворa конкурсите за стипендии за ученици во дуални паралелки и за ученици во тригодишно стручно образование. Како што велат од МОН, ова е во „насока на целосна распределба на фондот на ученички стипендии предвидени за оваа учебна 2021-2022 година“.

Конкурсот за доделување на стипендии за ученици запишани во паралелки во стручно образование во кои ќе се реализира практично образование со зголемен фонд на часови, може да се погледне на следниот линк.

Во категоријата за стручно образование се доделуваат 900 стипендии, откако со првичниот конкурс не биле распределени предвидените 1.500.

„Можат да аплицираат редовни ученици запишани во дуални паралелки, кои не повторувале година, не се корисници на стипендија од друг давател и се државјани на Република Северна Македонија“, соопштија од МОН.

Конкурсот за доделување на стипендии за ученици запишани во тригодишно средно стручно образование е објавен на следниот линк. Предвидено е да бидат доделени 390 стипендии.

Во првичниот конкурс за овој тип на стипендии биле предвидени вкупно 500 стипендии.

„Учениците кои ги исполнуваат условите за стекнување на правото на користење на еден од понудените два типа на стипендија, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во Министерството за образование и наука најдоцна до 30.09.2021 година, во периодот од 08-16 часот“, велат од МОН.

Овие стипендии за прв пат се воведуваат годинава, а износот е 3.500 денари месечно и се исплаќа за 9 месеци во годината.