МОН ја стави во функција онлајн платформата за учење www.schools.mk

Министерството за образование и наука (МОН) од полноќ ја стави во функција веб-страницата на единствената национална платформа за онлајн учење www.schools.mk. На платформата веќе се достапни упатства за регистрирање на платформата, за начинот на функционирање на Office 365 и Microsoft Teams, како и за подготовка на лекции, квизови, домашни задачи и родителски средби онлајн.

На веб-страницата се достапни и видео упатства за организирање на онлајн настава, одговори на често поставувани прашања, како и можност за поддршка. Сите податоци засега се достапни единствено на македонски јазик, а верзијата на албански јазик сè уште не е достапна на оваа веб страница.

Од Министерството за образование и наука ги повикуваат училиштата да ги достават корисничките лозинки на учениците, додека учениците и родителите се повикуваат викендов да ја посетат платформата за онлајн учење.

„Во овој значаен процес важна е силна и партнерска соработка на сите нивоа и секој ден ни е важен за успешно започнување на онлајн наставата“, велат од Министерството за образование и наука.

Инаку, за прв пат годинава учебната година во 981 основно и 132 училишта за средно образование низ земјава започнува на 1 октомври. Стартот на учебната година се одложи заради тоа што се чекаше Собранието да ги усвои новите правила и измени кои се дел од новите закони за основно и за средно образование, а без кои не можеше да започне годината.