МОН: Исплатата на стипендиите и субвенционираниот студентски оброк започнува денес

фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека од денес започнала исплатата на финансиските средства за студентски стипендии и субвенциониран студентски оброк.

Од министерството велат дека, согласно податоците, 3.415 студенти ќе добијат средства за четири месеци, односно ќе им бидат исплатени стипендиите за месеците октомври, ноември, декември и јануари. Исплатата се однесува на студентите кои го продолжиле правото на стипендија.

Корисниците на субвенциониран студентски оброк, односно 28.986 студенти, во текот на идната недела ќе добијат средства за минатиот месец, односно за декември 2022 година.

Инаку, МОН и минатата недела информираше дека во текот на седмицата што изминува студентите ќе добијат исплата по овие основи.

Во меѓувреме, студентите кои аплицираа на новиот конкурс за стипендии, сè уште ги чекаат резултатите од истиот.