МОН: Граѓанскиот сектор оцени дека реформите се од најдобар интерес на учениците и наставниците

Фото: МОН

Добиваме огромна поддршка за предложената концепција за основното образование од граѓанските организации. Реформите се оценети дека се во најдобар интерес на учениците и на наставниците и со нив се јакнат основните граѓански вредности како што се: еднаквоста, инклузивноста, мултикултурноста и недискриминацијата, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска по состанокот на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група со граѓанските организации.

„Граѓанските организации на состанокот ги кажаа своите предлози и сугестии, и дадоа безрезервна поддршка на целиот процес. Нивното мислење ни е од исклучителна важноста при носењето на концепцијата“, рече министерката.

Од Фондацијата Отворено Општество велат дека со новата концепција ќе се намали образовниот јаз кај помалку бројните заедници, со правото на избор на материјали кои сега ги нема на сите наставни јазици.

„Ако имаме консензус за нешто во државата тоа е дека не ни чини образованието. Сите сме сложни дека ни се неопходни промени во образованието“, рече Споменка Лазаровска, од Фондацијата Отворено Општество.

Бранимир Јовановски претседател на „Мобилност“ – Националниот Сојуз со лица со телесен инвалидитет, истакна дека високо на скалилото на приоритети на секое лице со попреченост е образованието. Со предложените реформи ова право коешто сега поретко може да го стекнат лицата со попречености се става во фокусот, односно за првпат можеме да зборуваме за инклузивно образование.

Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“ изјави дека новата концепција принципите на родова рамноправност, недискриминација и ненасилство ги става во својата основа и затоа даваат силна поддршка.

Додека пак, Уранија Пировска од Хелсиншки Комитет посочи дека во образованието во моментот недостига еден пристап којшто ќе овозможи меѓуетничка интеракција.

„Оваа концепција ќе ја пополни таа празнина. Во оваа концепција тоа е многу видливо. Младите луѓе да ги запознаваат карактеристиките на другите етнички заедници нешто до сега недостасуваше во образовниот процес, а сето ова ќе резултира и со намалување на процентот на насилството“, рече Пировска.

Реформата во основно образование е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма. Во нејзината изработка беа вклучени универзитетски професори, наставници, а земени се предвид и ставовите на родителите и учениците.