МОН ги објави резултатите за стипендиите за средношколците од стручните училишта

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Објавени се резултатите од повторните конкурси за доделување на неколку категории на стипендии за ученици од средните стручни училишта, кои беа воведени за прв пат во оваа учебна 2020/2021 година, како дел од планот за проширување на поддршката кон средношколците и за поголема популаризација на средното стручно образование, соопшти Министерството за образование и наука.

Станува збор за стипендии за ученици кои реализираат наставни програми од градежно-геодетска струка, машинска, земјоделско-ветеринарна, текстилно–кожарска, угостителско–туристичка и електро-техничка струка. Во сите категории беа предвидени да се доделат по 9 стипендии, со исклучок на стипендиите за електро-техничка струка, каде поради големиот интерес првично предвидената бројка од 9 стипендии се зголеми на вкупно 23.

Средношколците кои се стекнаа со правото на користење ученичка стипендија треба да испечатат и пополнат ТРИ примероци од договорот за соодветната стипендија (договорите се објавени заедно со резултатите од конкурсите) и заедно со копија од лична трансакциска сметка, најдоцна до 22.12.2020 година да ги достават до Министерството за образование и наука (директно во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје). Прием на документите ќе се врши и во сабота 19.12.2020 година.

Одбиените кандидати пак, ќе имаат можност за приговор во соодветен рок, откако на адресата која ја имаат посочено при аплицирањето ќе добијат решение од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.

За било какви дополнителни информации и поддршка, контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк, а официјалната електронска адреса на министерството е [email protected]