МОН ги објави резултатите за финансиска помош за студентите и за дополнително примените во домовите

Фото: Арбнора Мемети

Министерството за образование и наука ги објави резултатите од повикот за доделување на еднократна финансиска поддршка за студенти за покривање на дел од трошоците при студирањето.

Листата на студенти на кои им се одобрени средства за покривање на дел од трошоците за партиципација на факултетите каде студираат можете да ја најдете на овој линк. Студентите ќе можат да ги искористат средствата за уплата при запишување на семестар.

Листата на студенти на кои ќе им бидат покриени дел од трошоците за сместување во студентски дом, пак, може да се види овде.

Право да аплицираат за една од двете понудени опции за еднократна финансиска помош имаа сите студенти чие образование се финансира од буџетот на државата и кои доаѓаат од семејства со низок доход. Износот на еднократниот надоместок изнесува до 6.000 денари.

Министерството за образование и наука денеска ги објави и резултатите за дополнително примени студенти во студентските домови после повторениот конкурс кој беше објавен на 27 октомври.

МОН извести дека студентите кои следат комбинирана настава на факултетите, можат веднаш да се вселат во студентските домови, додека оние кои следат само онлајн настава, без физичко присуство, не можат да се сместат во домовите додека не биде наведено поинаку.