МОН ги објави конкурсите за ученички и студентски стипендии за 2021-2022

Фото: Tim Gouw на Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) извести дека се објавени конкурсите за доделување на ученички и студентски стипендии за учебната, односно студиската, 2021-2022 година. Заинтересираните кандидати можат да ги погледнат на следниот линк.

Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање со цел остварување на правото на користење на соодветната стипендија.

„МОН и Владата оваа година одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање ученици и студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес. Па така, за најголем дел од категориите на ученички стипендии кои се доделуваа и досега, месечните износи се зголемени за околу 60 проценти, а воедно воведени се и нови категории, од кои, позначајни се оние за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки, во дефицитарни струки или пак во тригодишно средно стручно образование. Исто така зголемени се и месечните износи на поголем дел од студентските стипендии, некои од нив и за над 80 отсто“, се вели во соопштението на МОН.

Министерството обезбедува поддршка при аплицирањето за секој заинтересиран кандидат, кој ги исполнува условите за одредена категорија на стипендии, преку Секторот за ученички и студентски стандард. Личните контакти на сите вработени, вклучително и на вработените во овој сектор, се наведени на следниот линк.