МОН ги донесе новите наставни програми за учениците од прво одделение

Фото: Annie Spratt, Unsplash

Денеска Министерството за образование и наука (МОН) по предлог на Бирото за развој на образованието ги донесе новите наставни програми по кои ќе учат првачињата во новата 2021/2022 учебна година, согласно Новиот концепт за основно образование.

„Во програмите се наведуваат Националните стандарди базирани на компетенции коишто учениците почнуваат да ги стекнуваат од прво одделение, а продолжуваат да ги развиваат во наредните одделенија, пред сé компетенциите кои произлегуваат од подрачјето со кое наставниот предмет има директна врска, но и трансверзалните компетенции преку кои се остварува и интеграцијата и се овозможува целосен развој на учениците“ појаснуваат од МОН.

Оттаму додаваат дека за секоја тема/подрачје од наставните програми се предвидени резултати што секој ученик треба да ги постигне, преку усвојување на наведените содржини и поими, а наставникот ќе ги следи и вреднува постигањата на ученикот преку дадените стандарди за оценување (кои опфаќаат најмалку четири нивоа на когнитивни постигања на учениците, согласно Блумовата таксономија: познавање, сфаќање, примена и анализа/евалуација/креирање).

„Примерите на активности дадени во наставните програми се со акцент на активното учество на ученикот и даваат јасни насоки како наставникот треба да ги организира и реализира активностите на часот, преку експерименти, истражувања, решавање проблеми, дискусии со учениците“ велат од ресорното министерство.

Обуките за наставниците за имплементација на новите наставни програми е предвидено да се реализираат преку три модули во мај, јуни и август.