МОН формираше работна група која ќе работи на промена на наставните материјали

Фото: Архива на Мета

Формирана е работна група составена од претставници од Министерството за образование и наука, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието, како и претставници од меѓународни институции и граѓанскиот сектор којашто развива концепт за целосна и суштинска промена на наставните и дидактичките материјали за основно и средно образование, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).

„Потребата од воведување на целосно нов систем за изработка на наставни материјали е резултат на постојаните реакции од јавноста, родителите/старателите, учениците, но и самите наставници за квалитетот на учебниците, долгите постапки за нивно одобрување, како и честите повлекувања на учебници поради стереотипи, предрасуди, грешки и недоследности“ велат од ресорното министерство.

Како што информираат оттаму, групата веќе работи на анализа на најдобрите искуства и практики од неколку европски, скандинавски и земји од регионот, врз основа на која ќе се изготви целосно нов систем за унапредување на квалитетот на наставата кој подразбира не само употреба на учебници, туку и изработка и употреба на разни видови на наставни и дидактички материјали за наставниците и учениците.

„Голем број на земји во светот веќе го имаат надминато системот на класична употреба на учебник, поради што учениците своето знаење го стекнуваат преку различни извори на информации и разновидни дигитални алатки. Ова е идеја и на голем број наши наставници, но е дел и од препораките на ОЕЦД за системот на образование во нашата земја“ велат од МОН, посочувајќи дека реформата на учебниците ќе се прави во широка консултација, истовремено со реформите за основно образование, а планот е да се воведе од следната учебна година.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска на вчерашното излагање на онлајн тркалезна маса што ја организираше Македонскиот институт за медиуми и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на тема „Потребата и можностите за вклучување на медиумската писменост во формалното образование во Р.С.Македонија“ изјави дека медиумската писменост ќе биде само парче од новата концепција за основно образование која треба да почне да се имплементира во учебната 2021/2022 година.