МОН: Формирани 97 паралелки за дуално образование во 46 средни училишта

Фото: МОН

Во соработка со општините и компаниите, досега на ниво на државава се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта, кои заедно со над 200 компании од есенва ќе спроведуваат концепт на дуално образование, а компаниите беа наведени во конкурсот за запишување во средните училишта. Министерството за образование и наука (МОН) реализираше целосно нова политика на стипендирање за новата учебна година. Предвидени се 2.000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка, што е дополнителен мотив за средношколците.

Ова го посочи министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешната работилница за дуалното образование, во рамки на проектот што го спроведува МОН заедно со швајцарската амбасада, „Образование за вработување во Северна Македонија“ (Е4Е@mk).

Царовска истакна дека концептот на дуалното образование е привлечен за младите, затоа што нуди квалитетно образование, а теоретските знаења од училиштето се надоградуваат со знаења и вештини за конкретно работно место, преку практична работа.

„Голем напредок во унапредување на средното стручно образование постигнавме со двете фази од „Учи паметно, работи стручно“. Ја постигнавме целта целосно да ги вклучиме компаниите во процесот на стручно образование на средношколците, затоа што само така, тие не само што ќе ја научат работата, туку ќе го почувствуваат и нејзиниот ритам“, рече таа.

Царовска додаде дека во првата фаза, низ дијалог со локалните самоуправи, училиштата и бизнис заедницата, се утврдиле потребите од отворање на одредени профили и паралелки во секоја од општините. Во втората фаза, во средните стручни училишта се направи промоција на придобивките и можностите кои ги нуди средното стручно образование за младите, за брзо вработување или за продолжување во високото образование.

Инаку, Министерството за образование и наука заедно со Швајцарската амбасада на денешната работилница за дуалното образование ги планираа активностите за следните 5 години за вложување и развој на средното стручно образование во државата.