МОН: Државната матура ќе се одржи во јуни, а испитните програми ќе бидат со скратени содржини

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Државната матура за средношколците ќе се одржи во предвидениот законски рок, односно во јуни 2021 година. Учениците од четврта година до крајот на месецов треба да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, која што е проширена со уште нови два предмета, соопшти Министерството за образование и наука (МОН), од каде што додаваат дека испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини.

„Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот како што се Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија. Во овие земји матурските испити се реализираат непречено и со почитување на сите здравствени и безбедносни протоколи, а пандемијата не беше пречка матурските испити да се организираат непречено и во континуитет“ изјавија од МОН.

Оттаму уверуваат дека во континуирана комуникација со учениците и училиштата ќе обезбедат заеднички решенија за непречено и безбедно полагање на матурските испити.

Информацијата од МОН доаѓа откако вчера Сојузот на средношколци побара да не се одржи државната матура бидејќи како што велат тие „нема да биде ефективна“ поради актуелната ситуација која стресно влијае врз менталното здравје на средношколците.

Од годинава, покрај стариот модел на реализација на проектната задача, матурските задачи ќе може да бидат дигитални, видео и уметничко-сценски изведби.

Инаку, полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура.