МОН: Дозволено е да се пишува во новите учебници што ги добија основците

Фото: МОН

Од Министерството за образование и наука (МОН), за Мета.мк велат дека е дозволено да се пишува во новите учебници откако на социјалните мрежи деновиве беа објавени непроверени информации дека не смее да се попоплнуваат и решаваат задачи во нив. Оттаму велат дека дезинформацијата дека не смее да се пишува во учебниците изработени според новата Концепција, се проширила меѓу наставниците и учебниците „со брзина на светлината“.

Од МОН додаваат оти учебниците и сите други наставни материјали треба да им помогнат на учениците во совладувањето на наставната материја и стекнувањето на применливи знаења преку учење со разбирање, но и да ги стимулираат нивната креативност и критичко размислување.

„За да се постигнат овие цели, неопходна е целосна реализација на наставните програми, а кои меѓудругото предвидуваат и пополнување на содржини во дел од учебниците. Затоа, МОН упатува апел до сите учесници во спроведувањето на воспитно–образовниот процес да не го ограничуваат користењето на учебниците и пополнувањето на содржините во рамки на истите кои се предвидени за пополнување од страна на учениците“, потенираат од МОН.

Во денешното соопштение од МОН велат дека учебниците за најмалите основци можат да се користат најмногу 5 години, со исклучок на оние за прво, второ и трето одделение, „како и одредени учебници од повисоките одделенија во кои има содржини што ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење кои се користат еднократно“.

Од МОН додаваат дека нема потреба да се печатат учебниците кои се достапни во електронски формат на www.e-ucebnici.mon.gov.mk.

„МОН продолжува и во иднина да набавува целосно нови учебници за најмалите основци и да ги заменува оние од другите одделенија кои поради дотраеност не можат да се користат“, наведено е во соопштението на МОН.

Испораката на учебниците во училиштата е во тек. Се дистрибуираат учебници на сите наставни јазици. Испораката по вториот и третиот договор се одвива оваа работна недела, а станува збор за 18 учебници на македонски, турски, албански и српски наставен јазик. По ова, ќе започне испораката на учебниците по четвртиот договор, при што треба да бидат испорачани учебници по албански јазик, математика, природни науки и историја и општество, сите на албански јазик.