Вкупно 25 училишта низ земјата, од кои 18 основни и седум средни, добија финансиска поддршка од Министерството за образование и наука за реализација на програми насочени кон заштита на учениците во учебната 2025/2026 година.

Поддржаните активности се фокусирани на превенција од врсничко насилство и дискриминација, како и спречување на злоупотреба на алкохол, дрога и игри на среќа. Според МОН, целта е да се зајакне безбедноста и инклузивноста во училишната средина.

Најмногу грантови се доделени на основни училишта во повеќе општини низ државата, меѓу кои Аеродром, Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Куманово, Тетово и Штип, а меѓу добитниците е и училиштето „Иднина“ од Скопје, кое работи со ученици со посебни образовни потреби.

Во средното образование, финансиска поддршка добија училишта од Радовиш, Куманово, Штип, Битола, Берово, Неготино и Дебар. Деталните резултати од јавните повици се објавени на официјалната веб-страница на Министерството за образование и наука.