МОН бара од родители, наставници и стручната јавност да го реформираат образовниот систем

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Министерството за образование и наука (МОН) ги повикува сите родители, наставници, стручна и научна јавност, да дадат свои сугестии за менување на постојните наставни програми, но и сугестии за изработка на нови. Оттаму велат дека сакаат да ја вклучат јавноста во реформирањето на националниот образовен систем. Ова го прават, како што велат, водејќи се по принципите на транспарентност и инклузивност во креирањето на образовните политики.

„Еден од приоритетите во овој процес е унапредување на содржината на наставните програми во основното и средното образование. Сугестии, забелешки и коментари може да се испраќаат преку е-пошта [email protected] најдоцна до крајот на овој месец“, наведено е во соопштението.

Образовните власти се на став дека со активно учество на засегнатите страни националниот образовен систем може да фати чекор со динамиката на 21 век.

„Очекуваме конструктивни и ефективни сугестии кои се важни патокази во заедничката заложба за подобрување на квалитетот на образованието како основа за севкупен развој и просперитет на државата, за социјална трансформација и демократизација“, велат во МОН.

Откако е Јетон Шаќири прв човек на МОН, повремено стасуваат повици до јавноста да учествува во креирањето закони. На 20 јануари, МОН објави дека ќе се прави нов Закон за учебници, па кажаа дека секој може да даде предлози. Ова се случи по бројните реакции дека има многу грешки во новиот учебник по Историја и општество за петто одделение, кој патем, сè уште не е повлечен од употреба.

Во ноември, Мета објави и дека одговорните во МОН ги повикаа и сите чинители на високообразовниот систем во државата, да поднесат свои предлози, идеи и сугестии за измена на Законот за високото образование за да тој се подобри и да им обезбеди подобри можности за студентите и на наставно – научниот кадар. Епилог од овој повик, засега нема.