МОН: 42 ученика и 65 наставници активни случаи на ковид-19, дел од нив имале настава со физичко присуство

Уписите за новата учебна година се одвиваа под строги протоколи | Фото: Арбнора Мемети

Откако започна учебната година согласно денешниот ден, има вкупно 42 активни случаи на ковид-19 кај учениците и 65 кај наставниците. Од нив 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование, информираат од Министерството за образование и наука.

„Од активните случаи во основните училишта, 7 од учениците и 5 од наставниците имале настава со физичко присуство во училиштата, додека пак во средно образование, ниту еден од учениците и наставниците не учестувале во настава со физичко присуство и согласно тоа немале контакт со остатокот од учениците или наставниот кадар“, појаснуваат од МОН.

Оттаму додаваат дека учениците кои следеле настава со физичко присуство, а сега се во изолација поради ковид-19, учењето го продолжуваат од далечина, со што има  континуитет во образовниот процес.

Од ресорното министерствто потенцираат дека околу 87 проценти од учениците ги следат часовите онлајн без никакви потешкоти. За останатиот дел кои немаат уреди, или интернет конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал.

Министерството за образование и наука апелира до наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста.