МОН: 14 ученици се ковид позитивни од околу 257.000 што посетуваат настава во училиштата

Фото: Мета.мк

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска информираше дека 14 ученици во основните и средните училишта во земјава се позитивни на ковид-19, но ниту еден од нив не е заразен во училиште и дека не постои интерна трансмисија на корона вирусот во училиштата.

Министерството за образование и наука (МОН) денеска апелираше за доследно почитување на сите мерки за заштита од ковид-19, додавајќи дека меѓу учениците има само 0,01 отсто активни случаи, а ист е и процентот кај наставниот кадар.

„Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички персонал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите“, велат од МОН.

Од Министерството ги повикаа наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите.

Од МОН додаваат дека настава во основните и средните училишта во земјава посетуваат околу 257.000 ученици, кои од 1 септември ја започнаа наставата со физичко присуство, за првпат од почетокот на ковид-19 пандемијата во земјава. За учениците над 12 години достапна е и вакцината на „Фајзер“ за имунизација против ковид-19.