Двајцата штипјани, кои целата јавност преку видео снимка ги виде како навредуваат и претепуваат девојка, денеска во Основниот суд во Штип беа осудени на казна затвор од по 2,5 години. Тие се осудени за делото „Насилство“, откако во јануари годинава, во влезот на станбена зграда претепаа 21- годишна девојка од Штип. П.Р.(23) и С.А.(26) денеска не беа на изрекување на пресудата. Двајцата остануваат во затворот во Куманово, каде се во притвор до правосилноста на пресудата.

Судијката Јулијана Неткова како олеснителна околност го зема фактот дека двајцата до сега не се осудувани, додека отежнително е тоа што на видео снимката, која беше јавно објавена, се гледа бруталноста со која е претепана девојката. Двајцата пред Судот го признаа делото и изразија каење за стореното.

Јавноста го виде претепувањето во влезот во станбена зграда, но нападот од двајцата почнал во куќата, каде девојката престојувала. Навредите и тепањето потоа продолжиле во влезот, што осудените го потврдиле на судењето во вторникот.

Девојката иако беше присутна во судницата, не беше повикана да сведочи, бидејќи двајцата насилници го признале делото.