„Молкум“ укинати стипендиите за магистрите и докторантите

Отсуството на конкурсите за најавуваните стипендии, и покрај тоа што истекува осмиот месец од академската година, беше причина Мета.мк да се обрати до Министерството за образование и наука

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Само една година откако ги воведе, Министерството за образование и наука (МОН) ги укина стипендиите за студентите запишани на втор и трет циклус студии на домашните високообразовни установи. Иако беше најавено дека конкурси за овие видови стипендии ќе има, надлежното министерство очигледно се предомислило, без јавно да ја сподели одлуката. Властите, сепак, не пропуштија во повеќе прилики да се пофалат дека државата нуди стипендии, кои всушност веќе и не постојат.

Нова политика на стипендирање студенти и ученици на големо беше најавувана летото 2021 година, пред почетокот на академската и учебната година. Тогашната министерка за образование и наука Мила Царовска на повеќе настани ги промовираше новините во државната политика на стипендирање студенти – покрај зголемувањето на износот на стипендиите за додипломски студии, раководството на МОН најави и враќање на финансиската поддршка за постдипломците која беше укината пред повеќе од десет години, но и за првпат доделување стипендии за студенти од трет циклус.

Согласно измените на програмата за научно-истражувачка дејност на МОН, воведени беа 50 стипендии за студенти на студии од втор циклус во земјата од научното подрачје природно-математички науки и технички-технолошки науки. Овие стипендии изнесуваа 9.000 денари и се доделуваа за девет месеци во годината.

Месечна стипендија за првпат во историјата на земјава почнаа да земаат и докторантите. За нив беа предвидени 15 стипендии во износ од 18.000 денари за дванаесет месеци во годината.

Ваквата храбра одлука беше поздравена од страна на студентите, а министерката Царовска тогаш изрази надеж дека новите стипендии ќе „мотивираат многу млади да се заложуваат што повеќе за личен успех и просперитет овде во својата земја, а со тоа ќе помагаат на домашната економија и воопшто на општеството да оди напред“.

„МОН и Владата одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање ученици и студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес. Во таа насока, слушајќи го гласот на оние кои одлучуваат да се надградуваат и на повисоките циклуси на студии на високообразовните установи во земјата, одлучивме за прв пат да воведеме стипендии за докторанди и да ја вратиме поддршката за постдипломците која беше укината пред десетина години“, соопштија од МОН во 2021 година.

Радоста на магистрите и докторантите околу државната помош во вид на стипендии сепак траеше само една година – во академската 2021/2022. Во тековната учебна година МОН одлучило да не распише конкурс за стипендии за втор и трет циклус на студии, и покрај тоа што во повеќе наврати владини претставници „се фалеа“ со мерката.

Одлуката, се чини, била донесена молкум, без да биде споделена со јавноста и да се објаснат причините зошто магистрите и докторантите повеќе нема да се мотивираат со финансиска поддршка.

Отсуството на конкурсите за најавуваните стипендии, и покрај тоа што истекува осмиот месец од академската година, беше причина Мета.мк да се обрати до Министерството за образование со прашање зошто конкурсите доцнат и дали можеби овие категории на стипендии се укинати.

Дописот што го добивме од МОН не содржи конкретен одговор на упатените прашања, но од напишаното може да се заклучи оти стипендиите за магистрите и докторантите годинава се укинати.

Укинувањето на овие категории стипендии МОН го правда со воведувањето нови категории на стипендии за додипломски студии, изедначувањето на стипендиите на повисокиот износ за сите студенти и покачувањето на субвенционираниот студентски оброк.

„Во оваа академска година, Министерството за образование и наука одлучи да ја зголеми финансиската поддршка за студирање на додипломски студии во државата и во таа насока беа воведени нови категории на стипендии како оние за студирање на студиски програми од областа во областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки, на студиските програми за превод од македонски на албански и обратно, како и за студирање на  студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија. Дополнително користењето на средствата од буџетот наменет за поддршка и унапредување на студентскиот стандард е редефинирано, поради потребата од исплата на зголемени износи на стипендии за студентите кои во минатото добиваа помал износ за одредена категорија, а воедно и заради новото законско решение за исплата на субвенциониран студентски оброк кое предвидува зголемен паричен надоместок на дневна основа“, се вели во одговорот на МОН.

Министерство за образование и наука / фото: Мета.мк

Истото министерство во ноември за Мета информираше оти  во Програмата за научно – истражувачка дејност за 2022 година се предвидени стипендии за втор и трет циклус на студии во државата и дека „јавноста дополнително ќе биде информирана околу објавата (на конкурсите)“.

Уште повеќе, министерот за образование Јетон Шаќири во повеќе наврати од почетокот на академската 2022/2023 година кажа дека МОН ќе ги стипендира студентите на втор и трет циклус студии.

„Постојаното негување бара и постојано заедничко вложување и соработка. Воедно, од минатата година значително се зголемени износите на стипендиите, можност да конкурираат за стипендии и оваа година ќе имаат и студентите на втор и на трет циклус студии“, најави министерот Шаќири во октомври минатата година.

Најавата ја повтори и во февруари годинава, на настан организиран по повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката 11 февруари.

„Средношколците кои ќе запишат студии од прв, втор или трет циклус на домашните или на престижни странски универзитети, добиваат стипендии и финансиска поддршка од буџетот на МОН но, имаат и можност да користат стипендии за студирање и научно – истражувачки престој во други земји“, рече во февруари Шаќири.

Покрај министерот за образование, и премиерот Димитар Ковачевски не пропушти да истакне оти државата и годинава ќе ги стипендира магистрите и докторантите.

„Веќе една година како воведовме стипендии за третиот циклус на студии во научните области од природните науки, математиката и техничко-технолошките науки. За годинава се предвидени 50 стипендии за студии од втор циклус во земјата од областа на природно- математичките и техничко-технолошките науки со месечна стипендија од 9.000 денари за девет месеци во годината. Планирани се и 15 стипендии за студии од трет циклус во земјата од областа на природно –  математичките и техничко-технолошките науки, со месечна стипендија од 18.000 денари во текот на целата година“, рече премиерот Ковачевски при посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на почетокот годинава.

Стипендирањето на магистрите и докторантите годинава остана нереализирано ветување и им послужи само на политичарите при фалењето оти студентскиот стандард се „унапредува“. Останува надежта кај студентите дека овие категории на стипендии ќе се вратат, а дотогаш МОН треба да ја исправи неправдата кон оние студенти што земаа пониски стипендии, за што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација.

Инаку, според последните податоци на Државниот завод за статистика објавени во март, звањето магистер на науки и специјалисти минатата година го стекнале вкупно 1.883 лица, што претставува намалување за 4,7 отсто во споредба со 2021година.

Звањето доктор на наука, пак, минатата година го стекнале 197 лица, или за 2 отсто помалку од претходната година.