За организациите што го следат говорот на омраза во Северна Македонија загрижувачки е фактот што не реагираше ниту еден од високите политички функционери присутни во салата каде што беа упатени навредливи и националистички повици против Албанците за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Северна Македонија и Романија. Експертите за политичка комуникација апелираат за нула толеранција за национализмот и расизмот. Според универзитетскиот професор Сеад Џигал, ова се непожелни манифестации на говор на омраза и нетолеранција што се повторуваат, најчесто во време на политичка тензија или во предизборни периоди, пишува Порталб.мк.

„Целта е да се диктира медиумската агенда, да се поларизира општеството со овие теми, со цел да се мотивираат и мобилизираат одредени групи на граѓани за политички и партиски цели. Таквото однесување, кое треба да се осуди во секој аспект, постепено стана дел од нашата политичка (не)култура и се третира како еден вид „легитимна“ алатка во јавната политичка комуникација, преку манифестација на лажен агресивен патриотизам и всушност национализам и расизам, што воопшто не треба да се толерира“, вели Џигал.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржа одлуката на Основното јавно обвинителство во Куманово за покревање на постапка поради националистички и навредливи скандирања.

„Ваквите скандирања предизвикуваат поттикнување и нетолеранција врз основа на етничката припадност, како што е опишано во член 319 од Кривичниот законик. Спортските трибини се уште се простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено врз етничка и национална основа. Таквиот говор, посебно кога се манифестира јавно, има потенцијал да предизвика длабоки поделби и да ја наруши меѓуетничката кохезија и има потенцијал да предизвика злосторства од омраза. На кошаркарскиот натпревар присуствуваа високи владини претставници, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, како и градоначалникот на Куманово и лидер на партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски. Загрижувачки е што ниту еден од овие високи функционери не реагираше на навредливите скандирања за време на натпреварот. Политичарите не треба да останат рамнодушни и на тој начин да го нормализираат говорот на омраза, бидејќи со тоа придонесуваат за поттикнување атмосфера на поделби, тензии и дестабилизација“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Оттаму прецизираат дека Хелсиншкиот комитет постојано го следи и реагира на говорот на омраза, што е еден од главните фактори што доведуваат до злосторства од омраза.

„Со години етничката припадност доминира како најчеста основа за говор и дела од омраза, а најбројните сторители и жртви се младите. Затоа веруваме дека јавната осуда е најмалку што можат да направат политичките структури и дека надлежните институции мора да ги пронајдат и казнат сторителите. Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува ширењето на говорот на омраза и ги повикува сите политички, спортски и општествени актери да се спротивстават на овој феномен и да поддржат една култура на толеранција, дијалог и почитување на различноста“, соопштија од Хелсиншкиот комитет.

Основното јавно обвинителство во Куманово објави дека презема мерки, а од Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово соопштија дека неколку лица биле повикани на службени разговори во врска со инцидентот на натпреварот Македонија-Романија.

За професорот Сеад Џигал лекот за намалување на ваквите појави е многу едноставен.

„Строги санкции за одговорните, едукација за штетните последици и обука за превенција. Меѓутоа, ова премногу често не се спроведува поради селективно спроведување или целосно неспроведување на правните инструменти. Препораките од заедницата на професионалци и експерти се многу јасни, и покрај постојните закони, домашното законодавство не содржи јасна законска дефиниција за говор на омраза“, рече Џигал.

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, не ги слушнал скандирањата и навредите кон Албанците. Тој изјави дека додека бил во салата не ги слушнал, бидејќи се работело за мала група на луѓе, но истовремено ги осуди национализмот и ксенофобијата и повика на спортски дух и поддршка на тимовите, а особено на националниот тим.

Претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, го оцени настанот како неприфатлив и нагласи дека говорот на омраза нема место во ниту еден јавен настап, ниту во спортот. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, рече дека антиалбанските скандирања што се слушаат во Куманово се неприфатливи и го нарушуваат духот на соживот и меѓусебното почитување.

Албанските политички партии го искористија инцидентот во Куманово за меѓусебно да се обвинуваат. Европскиот фронт побара политичка одговорност и оставка од функционерите на коалицијата ВЛЕН, поточно од заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, и заменик-министерката за спорт, Сафие Садики Шаини, за нивното непостапување по инцидентот. Од Коалицијата ВЛЕН одговорија дека ДУИ никогаш не презела одговорност за трагедиите на Албанците и дека институциите, како никогаш досега, едногласно ја осудиле ксенофобијата.